Летото (јуни-август) 2022 година беше одбележано со неколку топлотни бранови и сериозна суша, поврзани со глобалното затоплување, и тоа лето беше најтоплото кога било забележано во Европа, објави вчера службата за климатски промени Коперникус.
Просечните температури биле највисоки како за месец август, така и за целото лето и ги надминале за 0,4°C температурите од 2021 година, година која претходно беше рекорд според податоците на Коперникус.
Температурите биле околу 1,34°C над просекот за летата во периодот од 1991 до 2020 година. Само во август температурите биле далеку највисоки досега забележани и изнесувале 1,72°C над просекот од 1991 до 2020 година.
Интензивните топлотни бранови ширум Европа, заедно со невообичаените сушни периоди, довеле до тоа летото да има екстремни температури, суши и пожари, велат од европскиот институт.
Сушата и пожарите во Европа влијаеле на разни начини врз општеството и врз природата. Претходниот рекорд бил стар само една година.