Ова е реченицата околу која се договорија соговорниците на нашиот вебинар на тема „Што се случува на пазарот на трудот во регионот и ЕУ?“
За прв пат во историјата, пазарот на Европската унија доживува рекордно ниска невработеност, придружена со рекордно висок број огласи за вработување. Според податоците на Евростат, стапката на невработеност во еврозоната во јули изнесувала 6,6 отсто, додека на ниво на целата Европска унија (ЕУ) е околу 6 отсто. Работоспособното население, особено младите, денес можат полесно да најдат работа од кога било досега. Веројатно го читате ова и се прашувате: „Во што е проблемот сега, ова е одлична вест?“.
Да, на прв поглед, навистина нема никаков проблем. Невработеноста е се помала, секој може да работи, оние кои се незадоволни од моменталната работа можат да најдат нова додека да трепнеш. Сепак, експертите не би се согласиле со вас. Оваа појава, заедно со новите трендови на пазарот на труд, со себе ја носат и неможноста за наоѓање и задржување на квалитетен и квалификуван кадар. Како да се постигне тоа и какви промени треба да се направат се само дел од темите за кои разговараа нашите соговорници на вебинарот кој се одржа на 07.09, во организација на Vrabotuvanje.com и партнерите од Alma Career групацијата - водечките сајтови за вработување во регионот - Poslovi Infostud - Србија, MojPosao.net - Хрватска, MojPosao.ba - Босна и Херцеговина, и Deloglasnik - Словенија.
„Ниската невработеност е одлична вест за пазарот на трудот. Тоа значи дека сме на добар пат, но недостатокот на квалитетна и квалификувана работна сила, како и задржувањето на добри работници се проблеми со кои ќе се среќаваме во иднина. Многу менаџери истакнуваат дека и покрај сите поволности што им ги нудат на вработените, тие сè уште имаат проблеми да најдат соодветен кадар“, рече Веса-Пека Кирси, виш потпретседател/раководител на групацијата портали за вработување Alma Career во ЦИЕ, Балтикот, Балканот и Финска.
Секако, во тоа не помагаат новите, малку негативни трендови како great resignation или quiet quitting, кои на голема врата влегуваат на нашите пазари.
„Иако нашиот регион не беше зафатен од т.н great resignation тренд, слободно можеме да кажеме дека самата дискусија за тоа доведе до промена на размислувањето на вработените. Ваквата појава е највидлива кај вработените во дефицитарните занимања. Нивната постојана промена на работодавачите ни покажа дека многу компании, без разлика дали се големи или мали, сè уште не разбрале што навистина сакаат вработените“, рече Соња Ќетковиќ, Управен директор на Poslovi Infostud во Србија, додавајќи дека работодавачите треба, барем на кратко, да се стават во „чевлите на работниците“ за да сфатат што навистина тие сакаат.
Високите плати, бонусите, флексибилното работно време, работата од дома, слободните денови за првиот училишен ден на децата, здравствената заштита не се единствените придобивки што ги бараат работниците, објасни Соња. Она што денешните вработени го бараат од нивните работодавачи е севкупниот животен баланс.
„Мораме да пронајдеме човечност во себе и да ги цениме туѓото време и желби. Работодавачите не треба да се борат со овој тренд, туку да го искористат за свој раст“, нагласи таа.
Quit quitting постои веќе со години
Покрај great resignation, во последно време сè повеќе може да го слушнеме терминот Quit quitting, односно „тивок отказ“. Тоа е термин кој го опишува постепеното губење на волја за работата што ја работиме. Нашиот соговорник Томаж Беркопец, директор на порталот „Делогласник“ од Словенија, рече дека терминот како таков доаѓа од Америка, но феноменот на тивкиот отказ постои со години во светот, само што досега не се препознаваше како проблем.
„Сите ние барем еднаш во работниот век сме сретнале период кога работата не не исполнувала. Знам дека еднаш во животот се најдов во таква ситуација“, сподели со нас Томаж.
Како што објаснува, за него тоа е како лош брак. Прво се обидувате да откриете што го предизвикало проблемот, потоа се обидувате да го решите, а ако ништо друго не помага, разводот (отказот) е единственото решение.
„Луѓето со години се борат со овој проблем, но порано едноставно немаа друг избор. Денес, менувањето на работните места стана многу полесно. Замислете само колку е тажно да гледате човек кој работи осум часа дневно, пет дена во неделата на работа што не го исполнува“, истакна тој.
Генерации кои го менуваат начинот на работа
Бројни промени на пазарот на труд воведе корона кризата, но и генерацијата Z, објаснуваат нашите соговорници.
„Начинот на кој живееме целосно се промени во последните две години. Работата од далечина нè воведе во еден нов свет и ако на тоа ја додадеме генерацијата Z, тоа е сосема нов концепт. Тие не работат затоа што мораат, тие едноставно работат затоа што сакаат да се чувствуваат добро“, додаде Мерсиха Мима Мехиќ, Генерален/Извршен директор, Колектив (MojPosao.ba) од Босна и Херцеговина.
Како што објаснува, новите генерации не стравуваат за сигурност. Нив не ги следат стравовите на постарите генерации. За нив работата не е најважниот аспект од животот. Повеќе се склони кон промени, сакаат да работат во компании чија работа има квалитетна визија за иднината на човештвото. Тие се импулсивни, имаат тенденција почесто да ги менуваат работодавачите и полесно се впуштаат во сопствени претприемачки потфати.
„Тие се поинаку воспитани. Не се срамат да кажат што мислат, не се плашат од иднината, спремни се да отворат сопствен бизнис и генерално се поспремни за промени од постарите генерации. Тие веруваат дека нивната работа во компанијата мора да има некое поголемо значење за општеството. Морам да признаам дека некако ми се допаѓаат овие нови трендови. Знам дека ваквите промени се тешки за компаниите, но тешки се и за нас. Сепак, верувам дека на долг рок сите ќе профитираме благодарение на овие промени“, продолжи Соња.
Дека секој медал има две страни, не потсети Игор Жоња, директор на Alma Career Region South/Претседател на Управниот одбор на порталот MojPosao.
„Точно е дека новите генерации имаат повеќе избор, но исто така не смееме да заборавиме дека денес им е многу потешко да се осамостојат, потешко добиваат кредити и свој имот“, нагласи тој.
За да ги поткрепи своите тврдења, Игор ја искористи Хрватска како пример, каде што младите го напуштаат семејството или родителскиот дом на сè подоцна возраст, поточно во триесеттите. Со него се согласи и Дарко Велков, генерален директор - Vrabotuvanje.com од Македонија, кој се осврна на се попопуларниот и баран концепт на работа на далечина.
„Замислете човек кој за прв пат се вработува. Неговата прва работа е од далечина. Тој човек никогаш нема целосно да се поврзе со компанијата, тој ќе ја гледа компанијата како обична задача што треба да ја одработи. Логично е во вакви моменти младите полесно да ги напуштаат работодавачите“, рече тој и додаде дека на денешниот начин на работа мораме да гледаме од социолошки аспект.
Колку сме атрактивни за странските работници?
Забрзаната дигитализација, како и отворените граници доведоа до зголемена миграција на населението во потрага по подобар и побезбеден живот. Секојдневно можеме да прочитаме како илјадници луѓе ја напуштаат земјата. Прашањето на кое експертите сè потешко наоѓаат одговор е токму атрактивноста на нашата земја, но и на целиот регион.
„Мораме да бидеме свесни за фактот дека Хрватска секоја година губи 10 отсто од населението. Мислам дека пред се треба да размислиме како да го вратиме нашето население и како да станеме атрактивна земја за нив“, објасни Игор Жоња од Мој Посао.
Тој додава дека Хрватска како земја не може секогаш да се потпре на увозот на странски работници, бидејќи таквите луѓе најчесто кратко престојуваат во земјата. Дополнително, потребно е да се земе предвид фактот дека на поединците кои ќе решат целосно да се преселат во Хрватска им треба малку време да се прилагодат и да ги усвојат нивните обичаи и начин на живот.
„Имаме позитивни примери како Римац и Инфобип кои привлекоа работници од целиот свет. Како работодавачи мораме да го слушаме пазарот, но и луѓето. Мораме да откриеме што е важно за секој од нив поединечно. Некои може да бидат привлечени од бесплатно сместување, други со автомобил или авионски билет за да можат да го посетат семејството, а трети со заработката“, истакна тој.
Мерсиха се согласи со него, објаснувајќи дека секоја земја, особено во нашиот регион, мора да ги најде своите силни страни, но верува и дека мора да ја гледаме пошироката слика.
„Пред неколку дена најдов статија во која пишуваше дека Хрватска заедно со Јапонија е најпосакуваната земја за дигиталните номади. Тоа се примери кои ни докажуваат дека нашиот регион има потенцијал, само треба да го препознаеме“, објасни таа.
„Можам само да заклучам дека нашите пазари постојано се менуваат. Сега повторно се движиме во непознатото. Од една страна имаме мрачни прогнози, а од друга страна нешто поблаги. Како и да е, мора да бараме начини да бидеме подобри и попродуктивни бидејќи светот нема да застане, туку само ќе оди напред“, заклучи Веса-Пека.
За оние кои го пропуштија овој вебинар, снимката можат да ја погледнат во целост на линкот: