Дали шефот ве третира лошо? Дали секогаш се чувствувате како едноставно да не сте важни? Можно е да не му се допаѓате многу на вашиот претпоставен.
Уште полошо, тој или таа можеби размислува за начини како да се ослободи од вас. Еве неколку знаци дека не сте му омилени на шефот - и совети како да ја спасите вашата врска.
Добивате невозможни задачи
Дали вашиот шеф бара да ги завршите задачите за половина од времето потребно без да направите ниту една грешка? Ако од вас се очекува секојдневно да правите чуда без соодветни ресурси, вашиот шеф ве мрази. Или тоа, или вашата компанија има многу недоволно ресурси и треба да размислите за заминување пред стресот да ве убие.
Ве микроменаџира
Ако секогаш го чувствувате жешкиот здив на шефот на вратот додека работите, тој не ви верува (или ве малтретираат и треба да контактирате со одделението за човечки резурси). На шефот-хеликоптер никогаш нема да му биде удобно да ви дозволи да ги извршувате задачите сами. Ако ова е нова промена во однесувањето на вашиот претпоставен, тоа би можело да биде одговор на некоја голема грешка што сте ја направиле, а шефот се плаши дека повторно ќе зафркнете. Не заборавајте дека и вашиот шеф има шеф пред кој одговара. Вашата грешка може да стане негов најлош кошмар и да направи да изгледа многу лошо во очите на неговиот шеф. Ако вашиот шеф не отстапи, деновите можеби ви се одбројани.
Не ве гледа в очи
Кога ќе кажете „добро утро“, дали ви одговара со мрморење и без контакт очи в очи? Тоа може да биде навестување да се „изгубите“. Иако е можно вашиот шеф да не е утринска личност, исто така е можно да мисли дека сте досадни и сака да си заминете. Засекогаш.
Избегнува разговор
Ако разговорот со вашиот шеф е борба да му извлечете некој збор, можеби имате поголем проблем од лоша комуникација. Постојаната воздржаност обично укажува на желба да остане сам. Најдобро е да не го форсирате разговорот. Може да се обидете да најдете подобро време за разговор, па дури и да прашате дали е добро време, но ако вашиот шеф секогаш почнува да зборува на телефон кога ќе ве види, примете ја пораката.
Ништо што правиш никогаш не е правилно
Дали шефот постојано ве критикува? Кога секој втор збор од устата на вашиот претпоставен е негативен, тоа може да биде знак да почнете да го расчистувате вашето биро. Обидете се да го прашате вашиот шеф дали има нешто што можете да направите за да ги подобрите перформансите. Обидете се да вклучите предлози, но ако ништо не се промени, само водите веќе изгубена битка.
Во ваш најдобар интерес е да оформите добри односи со него/неа бидејќи тоа е личноста од која ви зависи кариерниот развој и напредувањето на работното место.
На крајот на краиштата, шефот е тој кој може да ве промовира или отпушти, да ви даде интересни задачи, да ве пофали на надредените или да ви даде препорака за подобро место.
Што да направите за да ги подбрите односите со шефот?
Не играјте улога на жртва
Ако имате проблеми со шефот, не се жалете за тоа низ канцеларија на кого стигнете. Тоа ќе ви се удри од глава и нема да биде добро за никого.
Ако им се жалите на колегите од шефот, тоа е лошо за вашиот имиџ и вака или онака поплаките ќе завршат кај шефот и тоа дополнително ќе му наштети на вашиот однос.
Мора да бидете внимателни да не озборувате или да ширите гласини дека шефот ве мрази или намерно сака да ви наштети или дека не го користи вашиот потенцијал. Може тоа да ви се оствари.
Гледајте и учете
Сите имаме свој стил на работење и идеалната ситуација е кога и шефот и вработените се флексибилни и отворено разговараат за да најдат решение што ќе ги задоволи барањата на сите засегнати.
Вие ќе треба да преземете поголема одговорност во градењето на односот бидејќи вие сте оној на кој му треба нешто од оваа врска. Набљудувајте и видете кој е стилот на работење на вашиот шеф за да знаете како најдобро да му пријдете.
Некои шефови имаат „политика на отворена врата“, додека други претпочитаат конвенциоално следење на протоколот кога станува збор за комуникација. Едни сакаат да бидат тесно вклучени во процесот на работа, други сакаат да делегираат и да набљудуваат.
Можеби не ви е по ќеиф што имате 20 состаноци за една иста работа, но тоа е методот, прилагодете се.
Обрнете внимание кога шефот пофалува некого или начинот на кој е завршена работата. Тоа не значи дека вие треба од корен да го смените она што сте, туку да видите кои од тие таленти и вештини ги поседувате и можете да ги ставите во фокус кога работите со шефот.
Помогнете
И вашиот шеф има работа, а некогаш и преку глава. Покажете иницијативност и проактивност со тоа што ќе помогнете да се среди барем дел од тие обврски и задачи.
Некогаш не мора да чекате да се натруа работа – кога шефот ќе спомне дека ви следува голем проект, пратете мејл со идеи како можете да бидете од помош.
Не форсирајте
Градењето на врската со шефот, како и секоја друга врска, бара вложување напор и – време. Без разлика дали ја градите од нула или се обидувате да го поправите она што е оштетено, не форсирајте.
Дајте ѝ време на врската да се развие и да созрева.
Треба само да ги отворите очите и ушите и да ги „ловите“ вистинските моменти да блеснете во очите на шефот. Потрудете се кога ќе ве види, да има што да гледа.
извор: kajgana.com