Да се развива алтернативен туризам, одржливо да се управува со природните ресурси, како и со живеалиштата и екосистемите, да се зачува природното и културното наследство, а истовремено да се обезбеди локален развој и да се едуцира населението кое живее на територијата на Националниот парк Шар Планина, се основите на кои се темели Нацрт-Планот за управување со паркот, oбјави агенцијата Мета.
Шара е идеално место каде посетителите може да уживаат во еко-туризам кој се развива во здрава животна средина. Планот предвидува развој на туристички активности во хармонија со целите за зачувување на природните вредности и воспоставување нов туристички бренд на национално и меѓународно ниво. Шар Планина за национален парк беше прогласена во јуни минатата година. Новото заштитено подрачје се простира на 62.705 хектари и според критериумите на ИУЦН од категоријата II – Национален парк, повеќе од 75 отсто од територијата е под висок степен на заштита.
Шар Планинa е европско жариште на биодиверзитетот и подрачје кое се карактеризира со извонредни природни вредности во пограничната област помеѓу С. Македонија и Косово, каде национален парк е прогласен пред повеќе од една деценија. Поседува богата флора и фауна, а најпозната е како дом на балканскиот рис. Има 128 видови птици, 51 вид цицачи и над 1000 видови растенија.
Едно од главните прашања кое ги засегна жителите на Националниот парк, присутните на јавната расправа беше располагањето со шумите, поточно како да се снабдат со огревно дрво. Според директорот на Јавната установа Национален парк Шар Планина, секој кој поседува шума во рамките на паркот за сечење дрва ќе мора да побара дозвола од оваа установа. Оние кои немаат регулирано сопственост нема да можат да добијат ваква дозвола. Менаџирањето со шумите, односно продажбата на дрво, како како еден од можните извори на финансирање на паркот, беше проблематично и за екологистите.
извор: meta.mk