„YouTube“ откри нов начин за креаторите да ги монетизираат видеата од кратки форми. На овој начин, компанијата се обидува да одговори на зголемената конкуренција од „TikTok“.
Видео платформата во сопственост на „Google“ објави дека ќе воведе рекламирање во својата видео функција „Shorts“ и ќе им даде на креаторите на видео содржини 45% од приходите, пренесува „Reuters“.
За стандардни видеа надвор од „Shorts“, типичната поделба на приходите за создавачите е 55%. „TikTok“ одржува фонд од 1 милијарда американски долари, од кои се плаќаат сумите за креаторите на видео содржини.
„YouTube“, која сè уште е водечка видео платформа на Интернет, се бори со конкуренцијата од „TikTok“. Кинеската компанија започна како апликација за синхронизација на музика и танц и оттогаш достигна 1 милијарда месечни корисници.
„YouTube“ ја лансираше функцијата „Shorts“ кон крајот на 2020-та година. Таа содржи едноминутни видеа кои привлекуваат повеќе од 1,5 милијарди месечни гледачи.
Во април, „YouTube“ создаде фонд од 100 милиони долари за да ги поттикне креаторите да прават видеа со мала големина во обид да го запре протокот на таленти во „TikTok“. Новиот план за споделување приходи има за цел да им даде дополнителна мотивација на креаторите и е нешто што „TikTok“ допрва треба да го постигне.
„YouTube“ споделува помал дел од продажбата со креаторите на „Shorts“ за да ја надомести својата значајна инвестиција во развојот на функцијата, објасни потпретседателот на компанијата Тара Волперт Леви.
„Google“ генерираше 14,2 милијарди долари од продажба на реклами на „YouTube“ во првата половина од оваа година, што е за 9% повеќе од истиот период во 2021-ва година.
Во вториот квартал од оваа година, пак, стапката на раст беше најбавна од почетокот на објавувањето на овие податоци пред три години. Една од причините за ова се глобалните економски услови, но, според финансиските аналитичари, фактор е и зголемената конкуренција од „TikTok“.