Италијанецот Тулио Масони произведува едно од најексклузивните вина во светот, на неговата тераса. Овој претприемач, колекционер на уметнички дела и поранешен банкар го поседува, како што вели, најмалото лозје во светот, кое го има сместено на врвот на куќа од 16 век во градот Реџо Емилија, помеѓу Парма и Модена.
Неговото лозје се наоѓа на покривот на улицата Мари 10, што е и името на самото вино. Иако имал вистинско лозје недалеку од градот, заклучил дека во него вложил повеќе отколку што заработил, па го продал. Како што изјави за Си-Ен-Ен, пред дваесет години решил да создаде џебно лозје.
На површина со големина на гаража, односно 18,5 метри квадратни, Тулио одгледува грозје од сортата Санџовезе, од кое добива 29 шишиња годишно. Потоа ги продава во уметничката галерија „Бонсиони арте“, за 5.000 евра.
– Моето вино е форма на уметничко изразување, филозофска провокација, нешто што треба да се чува во дневната соба за да можете да разговарате за тоа со пријателите, да зборувате за лудакот што изградил лозје на покривот – рече Масони, кој го споредува неговото урбано лозје со уметноста на познатиот Марсел Дишан.
– Ако видите велосипедско тркало во дневната соба, а не во гаражата, ќе сфатите колку е убаво. Моето лозје е такво: неочекувано е, го стимулира мозокот, поттикнува нови мисли. „Виа мари 10“ е психо-вино, масажер на мозокот, на нашите сиви клетки атрофирани од конвенциите и мисловните обрасци. Виното е жива креативност – вели винарот.