Поскапувањето на цените на млекото и млечните производи во маркетите, ги натера граѓаните да се свртат кон локалните производители. Цените на сирењето и кашкавалот скокнаа високо, па народот почна да бара поевтина варијанта.
Во денешно време, тоа е најлесно на социјалните мрежи, особено во групата каде луѓето бараат домашни производи, но и производителите ги нудат своите производи по далеку попристапни цени од тие во маркетите.
Еден од нив е и Ивица, од прилепскиот крај кој чува добиток а млекото и сирењето ги носи во млекара, но и го продава на луѓето приватно. Вели дека интересот за неговите производи е зголемен откако објавил во група на социјалните мрежи.
„Луѓето си бараат поевтина варијанта и побарувачката се зголеми. Тоа е очекувано во време на ваква криза. Сепак, јас немам толку добиток за да ги задоволам потребите на многу граѓани. Се јавуваат често и луѓе од Скопје, но не можам да одговорам на нивните барања. Моите можности се да им ги понудам производите на луѓето од моето соседство. Сепак, очекуваме и нашите производи да поскапат, кризата не притиска сите“, вели Ачкоски за „Фокус“.
Освен сирење, производителите нудат и млеко, градинарски и овошни култури со можност за достава до местото на живеење на побарувачите. Производителите потенцираат дека нивните производи не се прскани со никакви хемикалии и дека се подготвени на природен начин.
Цените варираат од понудувач до понудувач. Се нуди домашни сирење по цена од 300 до 400 денари за килограм, при што се добива поддршка од останатите понудувачи дека цените се реални, со оглед на тоа дека станува збор за домашни производи, без никакви преработки.
Цената на козјото се млеко во оваа група се движи од 70 денари од литар, додека пак козјата сурутка е поевтина – 50 денари за литар. Цената на килограм ореви е 150 денари, додека пак килограм копири чинат 35 денари, а доматите од скопските регион се продаваат за цена од 50 денари.