Српските граѓани сè почесто купуваат станови во Албанија бидејќи цената на метар квадратен таму е пет пати пониска од сличните недвижности во Србија. Цената на метар квадратен почнува од 330 евра па нагоре, дури и на приморје, почнувајќи од Драч, Валона преку Саранда до најјужната точка – Ксамил, пишува Б92.
Инаку, Албанија од почетокот на пандемијата на коронавирус бележи експанзија на бројот на реализирани туристички аранжмани за туристи од Србија бидејќи немаа ригорозни мерки за влез во земјата.
Александар Сеничиќ, директор на Националната асоцијација на туристички агенции (Јута), за Курир изјави дека оваа земја стана хит во последните години токму поради ниските цени.
„Таму цените на квадратите се многу поповолни отколку во другите земји, од 600 до 1.000 евра за метар квадратен. Србите во Грција купуваат недвижнини веќе 10 години, најмногу на север, а нешто помалку на југ. Туристичкиот потенцијал на Албанија неодамна е препознаен, така што нашите луѓе веќе купуваат станови и таму“, рече тој.
И навистина, понудата таму е многу шарена и за сечиј џеб. Во новоизградена зграда во Голем кај Драч, на само пет минути од плажа, апартмани со поглед на море се продаваат од 430 евра квадрат. Некои од нив имаат поглед кон морето, чекаат новиот сопственик да ги одбере дури и плочките, а се со големина од 50 метри квадратни.
Во Саранда, која е позната како туристичка дестинација, апартмани може да се најдат за 330 евра за метар квадратен. Така, стан од 50 квадрати кој може да се најде на интернет огласите за 16.500 евра.
За оние кои би сакале да купат поголем стан, еден од 70 квадрати може да се купи за 30.000 евра, што е 429 евра за метар квадратен.
Исто така, за малку пари може да се купи недвижен имот во Валона, приморски албански град, на местото каде Јадранското Море се спојува со Јонското Море. Стан од 72 квадрати во огласите се продава за 25.000 евра, што е 347 евра за метар квадратен.