Една од најстарите њујоршки вили, која Југославија ја купила во 1946 година, продадена е за 50 милиони долари во готовина, потврди најголемата агенција за недвижности во САД, компанијата „Даглас Елиман“.
Агенцијата објави дека ја продала вилата во Њујорк, инаку поранешна резиденција на југословенска мисија во Обединетите нации, на престижната Петта авенија на Менхетен, за целосната барана цена од 50 милиони долари во готовина.
Продавачот на вилата, која ја користеше и Постојаната мисија на Србија во ОН, се петте држави наследнички на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија и Србија, а вилата е купена од компанија со адреса во Њујорк. Според агентот, вилата првпат била понудена на продажба во 2017 година.
Според претходно објавен оглас за продажба, вилата е изградена на четири нивоа и има два ката, 18 соби, шест бањи и винарска визба.
Тоа беше првата зграда која имаше два електрични лифтови, кои сé уште се во функција. Во неа е зачуван оригиналниот ентериер, а од 1969 година е под заштита на државата и градот Њујорк.
За време на Студената војна, кога тука престојуваше и Тито, на врвот наводно имало соба која никој не можел да ја прислушува, како и непробојни прозорци кон Петтата авенија.
Првиот сопственик на зградата бил гувернерот на Лонг Ајленд, Роберт Бикман Ливингстон, според кого зградата се нарекува и Бикменова куќа.
извор: kanal5.com.mk