Дванаесет учесници кои ќе го трчаат 15. ултрамаратон во чест на Тоше Проески денеска претпладнето пристигнаа во Загреб, Хрватска. Тие утре попладне во 16:30 часот од Нова Градишка ќе го започнат ултрамаратонот пред неговото спомен-обележје во Нова Градишка, а в недела, на годишнината од неговото загинување, ќе пристигнат во Крушево.
Ќе трчаат низ целата територија на Хрватска и Србија. На 15 октомври, в сабота, се очекува да пристигнат на граничниот премин Табановце и да продолжат кон Скопје, а на плоштадот Македонија се очекува да пристигнат околу 18 часот. Вечерта ќе тргнат на пат за Крушево, каде што се очекува да пристигнат околу пладне на 16 октомври, в недела, на годишнината од загинувањето на Тоше Проески.
Маратоците ќе бидат пречекани во Крушево, традиционално, со црвени рози, и на Гумење, на вечното почивалиште на Тоше, ќе му оддадат почит на големиот музичар и хуманитарец, познатата македонска и балканска музичка ѕвезда која ги привлекува во Крушево фановите и почитувачите на неговото дело и 15 години од неговото загинување.