Менаџментот на германскиот трговски синџир Алди, реши да го скрати работното време на своите продавници, еден час порано, како дел од мерките за заштеда на електрична енергија, објави во средата раководството на концернот.
„Ќе го прилагодиме работното време на бројните филијали и на тој начин ќе придонесеме за целта за заштеда на енергија“, велат од менаџментот на компанијата Алди Норд.
Филијалите треба да се затворат во 20 часот оваа зимска сезона, освен онаму каде што тоа не е можно, како што се трговските центри.
Малопродажбата во Германија е под притисок поради драстичното зголемување на цените на енергенсите што ги погодува транспортниот и трговскиот логистички сектор. Другите водечки синџири во Германија, сепак, досега одбиваа да го скратат работното време, тврдејќи дека тоа нема значително да придонесе за заштеда на енергија, имајќи предвид дека многу системи, како што се системите за ладење храна, мора да работат 24 часа на ден.
Од почетокот на септември во Германија важат нови правила за заштеда на енергија во економијата, вклучително и во малопродажбата. Така, осветлувањето на прозорците ќе биде исклучено во текот на ноќта, а влезовите во продавниците веќе нема да смеат постојано да се отвораат за да се избегне загубата на топлина.