Граѓаните и деловната заедница ќе може да постават најбрзо и по најповолни услови фотонапонски електроцентрали за производство на струја. Стапија на сила измените на Законот за градење како дел од низата мерки за поддршка во услови на најголемата светска енергетска криза.
На овој начин се поедноставува процедурата за поставување на фотонапонски електроцентрали на објектите и тоа до 6 киловати за домаќинствата и до 40 киловати за компаниите.
Клучно е што процедурата е без административни постапки и не е потребно издавање на одобрение/решение за градење од локалната самоуправа.
– копија од лична карта
– доколку објектот не е во сопственост на инвеститорот, се доставува договор или согласност од сопственикот на објектот
– основен проект за фотонапонска електроцентрала до 6 киловати за домаќинствата, односно до 40 киловати за компаниите.
Со измените се предвидува посебна постапка за поставување на фотонапонски електроцентрали на објекти, без издавање на решение за поставување, од страна на потрошувачи-производители кои произведената електрична енергија ја користат за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведената енергија го предаваат во електродистрибутивна мрежа.
Владата работи во интерес на граѓаните и на стопанството, за ублажување на последиците од најголемата светска енергетска криза.
Покрај приоритетното обезбедување со електрична енергија и храна, се инвестира во проекти за зголемување на енергетската независност, развој на зелена економија и подобар животен стандард. Од почетокот на кризата, со цел забавување на прелевањето на инфлаторните притисоци, беа преземени мерки во износ од 400 милиони евра, кои потоа беа надополнети со мерки предвидени во ребалансот на Буџетот и како трет сет мерки е најновиот пакет од 360 милиони евра поддршка за граѓаните и за стопанството.