Анализите коишто ги направиле надлежните институции превагнале во корист на менување на летното во зимско сметање на времето. Ноќта меѓу 29 и 30 октомври стрелките на часовниците треба да се поместат еден час наназад.
Македонската Влада по направените анализи колку ќе се заштеди струја, сепак одлучи дека ќе има зимско сметање на времето. Ваквата одлука значи дека ноќта меѓу 29 и 30 октомври стрелките на часовниците треба да се поместат еден час наназад, а летното сметање на времето треба да се врати на 27 март идната година.
Анализите коишто ги направиле надлежните институции изминатиот период, превагнале во корист на менување на летното во зимско сметање на времето, иако првичните најави беа дека годинава ќе има промена со цел да се заштеди струја во екот на енергетската криза.
„Нема да има промени во сметањето на времето“, поврдуваат од Влада, каде ова прашање било разгледувано на денешната седница.
Различни искуства
Министерството за економија изминатиов период имаше задача да ги разгледа можностите околу евентуално продолжување на летното сметање на времето, со цел - дополнителни заштеди во општата потрошувачка на електрична енергија. Премиерот Димитар Ковачевски неодамна изјави дека постојат различни европски искуства околу продолжувањето на летното сметање на времето, но дека анализите ќе покажат дали треба да се направи промена. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, посочи дека владиниот предлог за продолжување на летното сметање на времето, ќе смени повеќе од два до три проценти од вкупната слика од состојбата во државата, што не е доволно.
Со промената на времето се добива повеќе дневна светлина во утрата, но и порано стемнување во попладневните часови. Но, анкетите покажуваат дека промената во летно сметање на времето напролет и во нормалното, или зимско, сметање наесен, не е омилено кај луѓето. Истражување на германската здравствена осигурителна куќа ДАК покажа дека дури 72 отсто од испитаниците се против промената на времето.
Ваква мерка воведе Германија уште во 1980 година, поради заштеда на енергија. Но, критичарите велат дека промената на сметањето на времето не ја исполнува оваа цел, затоа што заштедата на енергија е маргинална. Имено, промената на времето во летно сметање треба да донесе заштеда на енергија во потоплите месеци. Убедувањето е дека поместувањето на стрелките за еден час напред ќе ја намали потрошувачката за осветлување. Но, според експертите, ефектите се незабележливи.