На вчерашната седница беше одлучено дека од декември ќе има поевтина струја за производителите на храна, училиштата и јавните претпријатија.
Ќе се ублажува ударот од енергетската криза со 80 евра за мегават час за околу 200 компании кои произведуваат брашно, леб, масло, млеко и месни производи.
Нешто поскапа струја од 95 евра за мегават час ќе добиваат основните и средните училишта, како и јавните претпријатија за водни услуги.
Одлуката се однесува на компаниите кои што произведуваат основни прехранбени производи во кои спаѓаат: производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија.
Договори со ЕСМ ќе можат да склучат и основните и средните јавни училишта, како и јавните претпријатија од областа на водоснабдување и одведување на отпадни води кои работат со пумпни и пречистителни станици, кои одамна се жалат на големите натрупани долгови а некои од нив ги раскинуваа договорите со снабдувачите.