Во време кога земјава и Европа се соочуваат со висока инфлација, Фактор анкетира дел од граѓаните во што би вложувале доколку би имале поголема сума на пари на располагање.
Tие објаснуваат дека на оваа тема немаат многу познавања, а освен тоа тешко успеваат да штедат. Доколку имаат избор, би купиле имот или би штеделе во банка, додека за купување на акции велат дека тешко би се одлучиле.
„Најдобро е да вложиш во имот, во земјиште. Ние како граѓани не сме економски писмени за да знаеме во што да вложиме. За нас треба многу едукација на оваа тема“, вели една граѓанка.
Другите анкетирани велат дека купувањето на недвижен имот за нив е опција која не губи.
„Можеби би купила стан. За знаење не стоиме толку лошо, но луѓето немаат пари“, објаснуваат други.
Друга повозрасна граѓанка вели дека во време на криза, ако има можности, би штедела во странска валута.
Ги прашавме експертите во што е најдобро граѓаните да вложуваат. Тие велат дека не препорачуваат штедење во една валута. Додаваат дека најдобро е да се направи валутна распределеност. Како пример посочуваат дека еврото и денарот се врзани со курс 61.5, а падот на еврото на светските пазари резултираше со пораст на другите валути во однос на денарот. Велат добро е да има поделеност во повеќе валути, да не бидaт само евра и денари.
„ Монетарната политика се заострува и речиси и да нема надеж за брзо намалување на стапката во 2023 година. Главната економска политика е борбата против инфлацијата, а рецесијата е неопходно зло што мора да го прифатиме. Ова и високата цена на енергијата значително ја намалуваат довербата на потрошувачите. Штедењата се силно под влијание на високата инфлација. Нагло успорување на економскиот раст и премин во стагфлација е многу веројатното сценарио. Изминатиот период беше забележано јакнење на американскиот долар во споредба македонскиот денар што беше резултат на падот на еврото на светските пазари, но останува фактот дека успорувањето на економската активност во САД е значително помало и дека економската позиција на американската економија и компаниите е многу подобра од тие во Европа или од пазарите во развој“, велат експертите.
Бројките покажаа дека македонските граѓани штедат и во време на криза. Вкупниот износ на депозитите на населението во септември 2022 година изнесуваше 325 милијарди денари или 5,27 милијарди евра, односно изразено во проценти, тоа претставува пораст од 5,41 отсто споредено со истиот период лани. Ширум Европа земјите се борат со инфлација каква немале со децении.
извор: faktor.mk