Македонија заостанува во модернизацијата на противпожарните единици во однос на регионот. Командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје вели дека Хрватите, Грците и Бугарите уште многу одамна направиле големи вложувања во противпожарните единици, а многу пред нас се и Црногорците и Србите.
Просечната старост на противпожарните возила со кои располага Територијалната противпожарна единица на Град Скопје е околу 30 години, а во возниот парк во функција е и едно возило од 1968 година.
Возниот парк на оваа најголема противпожарна единица во земјава е збогатен со две теренски возила од кои едното е набавено преку проект , а другото од средствата што се обезбедуваат од осигурување на имоти. Следната година се очекува да добиеме и трите противпожарни возила за кои јавната набавка е во тек, а има најави и за едно ново противпожарно возило кое ќе биде донирано од Турција.
Минатата година во јуни беше набавено специјално возило со 45-метарска противпожарна скала која овозможува безбедно евакуирање на сите што живеат во објекти од 5-тиот кат нагоре.
Заостануваме и во однос на кадровската екипираност на пожарникарските служби. Просечната старост на пожарникарите е доста висока, а за вработување на нови кадри се чека дозвола од Министерството за финансии.
Во ТППЕ на Град Скопје на почетокот на годината се вработени нови 20-тина пожарникари кои ја поминале потребната обука и сега се вклучени во редовната работа на единицата, но, одливот на кадар по основ на пензија е константен поради што е неопходно да се вработуваат нови луѓе.
Идната година во ТТПЕ Скопје се очекува нов одлив на кадар кој ќе замине во пензија. Во моментот, во Територијалната противпожарна единица на Град Скопје се вработени околу 190 пожарникари, а согласно законските прописи, би требало да има околу 400.
извор: novamakedonija.com.mk