Како една од системските мерки за подобра контрола, се овозможи пристап на платформата за интероперабилност каде што контролните органи, секој во својата надлежност, ќе може да пристапи кон проверка на податоците со кои што располага Министерството за транспорт и врски.
Според нив, на контролните органи им се овозможува електронски пристап до: евиденцијата на превозници, податоци за нивните лиценци, податоци за возила коишто ги поседуваат, податоци за изводи од лиценци коишто припаѓаат на одредено возило и податоци за вработени возачи – со што контролните служби ќе можат да проверат дали лицето е вработено или не во фирмата превозник, како и дали поседува сертификат за професионална компетентност на возач што е неопходен документ при вршење меѓународен превоз на патници или стоки во патниот сообраќај.
Преку овој систем на електронска контрола се дополнува досегашната процедура за хартиена проверка на документите и се добива второстепена контрола или двоен филтер.
Сметаме дека на овој начин ќе овозможиме брза, навремена и ефикасна контрола на сите учесници во патниот и товарниот транспорт. Дополнително отворајќи ја нашата база во реално време за институциите се спротивставуваме на сите оние кои се дрзнуваат да прават измами и фалсификати на документацијата, а со ова им помагаме на контролните органи. Она што е уште позначајно и за што веруваме дека ќе го подигнеме нивото на услугите за граѓаните е изработка на веб платформа со која посебен фокус даваме на граѓанската контрола, рекоа од Министерството.
Министерството за транспорт и врски ја изработи веб платформата etransport.mtc.gov.mk, преку која граѓаните ќе можат во реално време да вршат проверка на превозниците кои вршат превоз на патници во внатрешниот и меѓународниот сообраќај.
Постапката за проверка е во неколку чекори. На пребарувачот граѓаните внесуваат etransport.mtc.gov.mk. На почетниот екран се појавуваат две опции: Да се изврши проверка на превозникот по име на фирма и/или да се изврши проверка на превозникот по број на регистарска таблица на возилото.
Согласно законските надлежности, соодветната институција по пријава ќе постапи по службена должност во рокот предвиден за тоа.
извор: inovativnost.mk