Законските измени со кои се бараше во недела да работат фризерите, декоратерите на настани, шминкерите, цвеќарите и оние што поправаат апарати за домаќинствата, стојат веќе седум месеци во Собранието.
Голем дел од македонските граѓани од пограничните места со Србија и со Косово, во недела купуваат свечена облека, прават фризури и се шминкаат во Врање, Бујановац или Урошевац, а попатно си прават шопинг во тамошните маркети, бидејќи нашите фризерки, шминкерки, козметичарки или шнајдерки, не работат во недела, обелоденува за „Слободен печат“ претседателот на Занаетчиската комора на Северна Македонија.
– Се оди ли на свадба, крштевка, сунет или слава во тренерки? И додека на нашите колеги во недела им се затворени дуќаните, профитираат соседите. Граѓаните, од Куманово, на пример, масовно се дотеруваат во Врање, Урошевац или Бујановац, попатно пазарат во нивните маркети и се враќаат дома, а потоа не трошат пари кај домашните занаетчии во текот на работната недела. Законските измени со кои баравме во недела да работат фризерите, декоратерите на настани, шминкерите, цвеќарите и оние што поправаат апарати за домаќинствата, стојат веќе седум месеци во Собранието и никому ништо. Не можам да верувам дека никој не размислува за состојбата во која се наоѓа македонската економија – додава тој.
Претседателот на ЗКСМ вели дека сè поголем број занаетчии алармираат дека неработната недела, значително им ги намалила можностите за остварување профит.
– Една година ќе се стори како не се работи во недела, а некои колеги веќе ставија клуч на врата и со страв се вратија во сивата економија. Не работат ниту оние занаетчии што сами се сопственици и сами работат во својот дуќан, односно немаше можност самиот газда да се пријави и да работи во недела.
За голем дел од услужните дејности, неработната недела е голем проблем, бидејќи не можат да ги услужат клиентите и во текот на викенд.
Но од неработната недела не трпат само кројачите и шнајдерите, туку и шминкерите, цвеќарите, козметичарите, молерите, паркетарите, плочкарите…
– Најголемиот дел од граѓаните се слободни за викенд и тогаш по правило имавме најмногу работа. Но, ако почнам да работам во петок, продолжувам во сабота и мора да прекинам во недела. Има работи што не може да се завршат за два дена, тоа е повеќе од јасно. Сега се вративме во „илегала“, ама со голем страв од инспекциите – вели еден паркетар.
Во согласност со законското решение и измената на Законот за работни односи („Сл. весник на РСМ“ бр. 288/21), дозволено им е само на четири занаетчиски дејности да работат, и тоа производство на леб и слатки во свежа состојба (пекарници и слаткарници), фотографски дејности, печатење и издавање весници (печатници). За сите други дејности е забрането да работат во недела. Со тоа што на занаетчиите регистрирани во согласност со Закон за занаетчиство, и тоа пекари, слаткари, фотографи и печатари, не им се дозволува продажба на нивните производи туку само производство, што доведува до уште поголем револт кај занаетчиите.
За местење клима се чека повеќе од месец, а за молерисување се прават сè подолги списоци
Доаѓа време кога замена на чешма ќе нè чини и по 100 евра, а веќе подолг период за да ви наместат климатизер, ќе чекате повеќе од еден месец. Состојбата со молерисувањето, менувањето плочки или поставувањето паркет е уште полоша.
– Старите и добри мајстори си заминаа или во пензија или надвор од земјава, а сè повеќе има неискусни лица во браншата. Ќе дојде време кога за водоинсталатерски услуги ќе треба да платите по 100 евра.