Жените кои се носители на земјоделските стопанства и се запишани во регистарот на Министерството за земјоделство имаат право на еднократна финансиска помош од 360.000 денари. На огласот кој траеше до 20-ти мај годинава ова право на субвенција го оствариле 70 земјоделки...
По обработката на 130-те пристигнати барања, одобрени се проектите на 70 земјоделки. Начинот на поддршката е во вид на грант со кој 100 проценти ќе се финансираат инвестиции со максимална вредност од 360.000 денари.
Со средствата од грантот, жените земјоделки ќе набавуваат опрема за винарство, линии за производство на добиточна храна, опрема за производство на мед и пчелни производи, опрема за млинови, молзачки, калапи за сирење, машини за преработка и мелење на месо и друга преработувачка опрема, со што ќе можат да развијат нови производи, нови брендови и нова додадена вредност.
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ќе склучи договори со сите кориснички кои ги исполнуваат условите, со краен рок за реализација на инвестициите до 31-ви Декември 2023 година.
Корисници на средствата се земјоделските стопанства чиј управител е жена, запишани во Единствениот регистар на Министерството.
Доколку инвестирањето предвидува преработка на земјоделски производи, корисниците треба да ја евидентираат оваа дејност во Агенцијата за храна и ветеринарство по завршувањето на инвестицијата.