Денес, според проценките на ОН, светот доби осум милијарди жители, а симболот на таа бројка е бебе родено во Манила.
Како што објавија локалните медиуми, Vinice Mabansag, која е родена во Тондо на 15 ноември, е избрана да биде осми милијардити човек во светот.
„Штотуку бевме сведоци на раѓањето на 8-милијардитото бебе во светот на Филипините. Нејзиното раѓање го чекавме околу два часа, стигнавме во 23 часот, а бебето се роди во 01:29 часот, со природно породување“, изјави д-р Ромео Битуин, главен лекар на „Др. Меморијалната болница Хозе Фабела“.
Светската популација продолжува да расте, но темпото на раст се намалува, според ОН.
Најновите прогнози на светската организација покажуваат дека глобалното население би можело да порасне на околу 8,5 милијарди во 2030 година, на 9,7 милијарди во 2050 година и на 10,4 милијарди во 2100 година.
Се предвидува дека населението ќе достигне врв на околу 10,4 милијарди луѓе во 2080-тите и ќе остане на тоа ниво до 2100 година.
Како што се наведува во публикацијата, растот на населението делумно е предизвикан од падот на стапката на смртност, што се одразува на зголеменото ниво на живородени деца.
На глобално ниво, очекуваниот животен век достигна 72,8 години во 2019 година, што е зголемување за речиси девет години од 1990 година.
Се предвидува натамошното намалување на смртноста да доведе до просечен животен век од околу 77,2 години на глобално ниво во 2050 година.
Според ОН, во 2021 година просечната плодност на светската популација била 2,3 раѓања. Во просек, една жена раѓа две деца во текот на својот живот, додека во 1950 година жените имале во просек по пет раѓања, пренесува N1.