Македонската валута, денарот ужива висока доверба кај граѓаните и голем дел од населението штеди во денари. Така е долги години, а процесот се интензивира од 2002 година наваму. Ова го потврдуваат од Народната банка од каде велат дека штедењето во денари во услови на макроекономска стабилност и поволен каматен распон, долг временски период се зголемуваше со значително побрзи стапки на раст во однос на штедењето во девизи.
Додаваат дека во периодот од 2002 до 2021 година, денарските депозити растат многу побрзо, со просечна годишна стапка од околу 18 отсто, за разлика од девизните депозити кои растат значително побавно, со просечна стапка од околу 8 отсто.
„Оттаму е и забележителното зголемување на учеството на депозитите во домашна валута во вкупните депозити на населението, коешто на пример од околу 30 отсто во 2002 година, на крајот на 2020 година изнесуваше околу 53 отсто“, објаснуваат од Народна банка.
Во моментот, заклучно со септември 2022 година, вкупните депозити на населението во банките и штедилниците изнесуваат 313,4 милијарди денари (5,095 милијарди евра), од кои голем дел-145,2 милијарди денари се денарски депозити, а останатите се девизни депозити.
Штедењето воедно е значаен фактор за унапредување на економскиот развој. И претходно Народна банка соопштуваше дека македонските граѓани негуваат култура на штедење во банкарскиот сектор. За период од една деценија, на годишно ниво имало скок на вкупните депозити во банките.
Извор: faktor.mk