Поевтинувањето на млечните и на сувомесните производи се очекува во првите неколку месеци од наредната година
Откако ќе се „печат“ на поевтина струја, лебот и другите пекарски производи ќе бидат првите што ќе поевтинат во трговската мрежа, покажуваат првите калкулации. Од друга страна, за да се произведе кашкавал или сирење се потребни два до три месеци, па така поевтинувањето на млечните производи ќе се види низ маркетите во првите неколку месеци од наредната година.
Кај месната индустрија, работењето на поевтината струја нема да има особен ефект ако не се надмине проблемот со царината на увозното месо за преработка. Компаниите од месниот сектор бараат укинување на оваа давачка, која по три години повторно им се наплаќа од јуни годинава, а тоа ги прави сосема неконкурентни во однос на саламите што влегуваат во земјава со „0“ царина. Сумирано, доколку сувомесните производи добијат суровина без царина и добијат поевтина струја, тогаш и оваа храна ќе поевтини.
Пресметките покажуваат дека при цена од 500 евра за мегават-час електрична енергија, учеството на енергенсите во крајната цена на месната и на мелничката индустрија беше 15 отсто, а сега откако ќе склучат договори за поевтина енергија, тоа ќе падне од 2 до 5 отсто, што е сериозно намалување. Кај млечната индустрија состојбата е поинаква, бидејќи таму речиси секој месец има барање за зголемување на откупната цена, што во комбинација со енергијата, амбалажата дава сосема друга ситуација.
Извор: bankometar.mk