Загадувањето претставува сериозен проблем за главниот град на Србија.
Алармантни вести доаѓаат од во главниот град на Србија, Белград, чии граѓани веќе подолг период го дишат најзагадениот воздух во светот, а нивото на загаденост се карактеризира како опасно по здравјето на жителите. Различни апликации покажуваат дека Белград, главниот град на Србија, веќе еден месец е на врвот на листата на презагадени градови, а на преминот од есен во зима, социјалните мрежи во Србија се преплавени со фотографии од смог, чад и магла.
Во средата, на пример, во 11.15 часот, индексот на загаденост на воздухот во Белград, според веб-страницата IQair, беше 171, со концентрација на ПМ 2,5 од 94 µg/m3, што е речиси 19 пати повисоко од препораките на Светската здравствена организација (СЗО). Засега не се наведуваат мерки со кои би се намалила загаденоста, но се потсетува дека Белград и минатата година неколкупати беше најзагаден град во светот.
За да им помогне на граѓаните да се заштитат од загадениот воздух, веб-страницата IQair советува: „Не излегувајте од дома, а доколку морате, не излегувајте надвор без заштитна маска. Сите прозорци треба да се затворат за да не влегува загадениот воздух внатре. Треба да вклучите и прочистувачи на воздух и да ги избегнувате сите физички активности надвор од домот“.
Според податоците на Агенцијата за заштита на животната средина, за загадувањето на воздухот најмногу придонесуваат малите индивидуални согорувачки постројки и топланите, индустријата, а се разбира тука е и патниот сообраќај.
– Високото ниво на загаденост на воздухот може да биде опасно за сите луѓе, особено за чувствителните категории од населението, како што се децата, трудниците, хроничните пациенти. Акутни проблеми предизвикани од загадувањето на воздухот се иритација на очите и носот, чешање, кашлање, чувство на задушување и недостиг од воздух. Поради тоа, пациентите со знаци на бронхитис, влошување на хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) и бронхијална астма се меѓу првите што одат кај лекарите – изјави прим. д-р Славица Плавшиќ, специјалистка по белодробни заболувања.
Според податоците на Светската здравствена организација, поради лошиот воздух во Србија предвреме годишно умираат околу шест илјади луѓе, што Србија ја носи на неславното прво место во Европа и на десеттото во светот. Тие бројки се високи и во земјите во регионот, бидејќи загадениот воздух не познава национални граници. Најчист воздух дишат жителите на скандинавските земји, каде што просечниот животен век е дури десет години подолг од Србија.