Германија има потреба од квалификувана работна сила од трети земји кои не се членки на ЕУ. Новиот нацрт-закон е веќе испратен до министерствата за труд и економија и се очекува до крајот на август да биде претставен пред кабинетот на канцеларката Ангела Меркел.
Кога станува збор за луѓе со високи квалификации, германскиот систем акцентот го става на дипломите. Доколку поседувате првокласни квалификации Германија ќе ви понуди виза без оглед на тоа што немате обезбедено работа. Со новиот предлог закон се планира да се отстранат проблемите што настануваат при признавањето на дипломите и стручните уверенија.
Пазарот на труд во Германија во последните години доживеа комплети преобразби. Денес, Германија има една од најниските стапки на невработеност во Европската Унија. Болничарките, воспитувачите, столарите, медицинските сестри и електричарите покриваат 60 проценти од германскиот пазар на труд, и на земјата најмногу и недостигаат работници со стручна средна подготовка.
Апликантите со добри професионални квалификации имаат најголеми шанси за добивање работа. Потребно е да располагате со одредено ниво на познавање на германски јазик. Во новиот нацрт не е целосно прецизирано нивото на познавање што кандидатот треба да го поседува.
Минатата година работната сила пораснала за 638 000, односно дошло до зголемување од 1.5% , што претставува најголемо годишно зголемување во последните 10 години.