Факт е дека жените заработуваат помалку од мажите. Иако не може со точност да се утврди родовата нееднаквост во платите, сепак, кога се споредуваат подеднакво квалификувани професионалци што ја извршуваат истата работа, најголемиот број истражувања говорат за разлика во доходите од 10% до 20% во корист на мажите.
Клучното прашање и натаму останува причината за ваквата нееднаквост. Едно гледиште причината ја гледа во тоа што жените се помалку смели и храбри да побараат покачување.
Но дали навистина е така?
Најново истражување кое беше објавено во Harvard Business Review врз основа на порелевантни и подетални податоци покажува дека жените бараат зголемување на платата исто колку и мажите, само што во помала мера го добиваат истото.
Земајќи ги надворешните фактори за непроменливи, истражувачите потврдуваат дека жените бараат покачување исто колку и мажите, но мажите имаат многу поголеми шанси да успеат. Нивната анализа покажува дека само 15 од вкупно 100 жени кои побарале покачување го добиле истото, додека пак кај мажите соодносот е 20 со 100. Иако оваа разлика звучи скромно, таа е навистина значајна кога се разгледува на ниво на економија или индустрија.
Во што е причината?
Заклучокот е дека барањето за унапредување од страна на жените наидува на поинаков третман од страна на работодавците во однос на тоа од мажите. Во нивниот случај барањето за покачување несекогаш значи и добивање на истото.
Истражувањето е направено на примерок од 4.600 случајно избрани професионалци од 800 компании во Австралија.