Кријат греалки за да се стоплат навечер. Има контрола што надгледува, меѓутоа имаат група на социјалните мрежи во која еден ги известува кога доаѓа надзорот и сите во исто време ги кријат греалките.
Ова го раскажуваат студентите што живеат во студентскиот дом „Стив Наумов“ и кои апелираат дека е неопходно да се подобрат условите во нивните моментални живеалишта.
– Мораме да криеме гралки, преладно е. Парно има само наутро, а невечер не си легнуваме рано, мораме да учиме. Речиси сите студенти кријат греалки. Други електрични уреди не криеме, само греалките зашто ни се неопходни. Ако нѐ фатат, ќе нѐ избркаат – вели студентка, која веќе три години живее во студентскиот дом „Стив Наумов“.
За себе вели дека кога би имала избор, не би живеела во студентски дом, зашто условите се под сите стандарди.
– Јадам на свој трошок. Храната во мензата не е воопшто убава, ништо не е вкусно, како да јадеш во болница. Постојано се повторува менито, најчесто има ориз или грашок за ручек, за вечера некои кифли и пире од прашок. Овошје и десерт има многу ретко – вели студентката.
Најмногу ѝ пречи хигентата во тоалетите за која вели дека е на најниско ниво.
– Топла вода има, меѓутоа е нечисто. Чистат површно. Поради личното здравје не би сакала да живеам тука – вели студентката.
Студент кој веќе три години живее во студентскиот дом „Гоце Делчев“. Студира на Градежниот факултет. Храната, греењето, немањето лифт вели дека се најголем проблем во овој студентски дом.
Редици за убав ручек, ама нема секогаш за сите
Кога има убав ручек студентите чекаат во редици. Најчесто тоа се случува за компири со плескавица или за ориз со ражнич. Ама често се случува да немаат подготвено доволно ражничи, на пример. Пред некој ден правеа тостови, меѓутоа на еден тостер. За 1.400 души! А секој студент сака тост. Не се ни вработените криви, и ним треба да им се дадат услови.
Проблем се неделите. Најчесто има виршли и јајца, а ништо не работи во недела и не можеме ништо да си купиме. Порано вечерата беше поубава, сега е ручекот. А повеќето студенти за време на ручекот се на предавања и не го јадат, така што поважна им е вечерата. Ама и таа е проблем зашто мензата затвора во 19:30. Оние студенти што се до подоцна на предавање не стигаат да јадат.
Повеќе за темата прочитајте на ЛИНКОТ.