Пазарџиите очекуваат новиот Закон за трговија на зелените пазари да регулира многу прашања. Законот, меѓу другото, предвидува тезгаџиите да имаат легитимации што строго ќе ја дефинираат нивната дејност и ќе укажуваат што точно продаваат, но и да плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување, по минимална тарифа, како за индивидуалните земјоделци.
– За здравствено осигурување закупците на тезги ќе треба да плаќаат по 540 денари, а за пензиско 1.500 денари наместо 5.000 колку што се придонесите за најниска плата. Целта на Законот не е дополнително да ги оптовари, туку да стави ред на зелените пазари, рече на прес-конференција Даниела Михајловска од Стопанската Комора.
И пазарџиите го поздравуваат ваквото решение.
– Убавата вест е тоа што законодавецот за трговците на зелените пазари предвидел повластена цена за здравственото и пензиското осигурување – тарифирање како за индивидуалните земјоделци, истакна претседателот на Комората на трговците на тезги и зелени пазари Златко Шекеров.
Оваа Комора ќе ги издава и легитимациите, но колку ќе чинат и дали ќе се издаваат на годишно ниво, се уште не е утврдено.
Во Македонија има зелени пазари во над 50 општини и околу 20.000 тезги. Само Скопје брои 13 зелени и еден добиточен пазар.