Германија ја олеснува процедурата за добивање на државјанство. Странците наскоро ќе можат полесно да добијат германско државјанство. Од Министерството за внатрешни работи на Германија потврдија дека се работи на реформи на Законот за државјанство.
Нацрт-законот скоро е готов и набргу ќе им биде испратен на другите министерства. Наместо осум години, државјанство би можело да се добие по пет години престој во земјата. При „посебни интеграциски придонеси“, некои странци би можеле да добијат државјанство и по престој од само три години. Тоа би било можно во случај кога доселениците покажале посебен академски, професионален или волонтерски ангажман или доколку особено добро го владеат германскиот јазик.
За лицата постари од 67 години, планот е да се укинат формалните потврди за познавање германски јазик, а наместо тоа, би била доволна способност за вербално разбирање. За припадниците на оваа старосна група би требало да бидат исклучени и досегашните тестови за познавање на општествените и правни правила во Германија. Децата на странците што се родени во Германија би требало автоматски да добијат право на германско државјанство доколку еден од родителите живее во Германија барем пет години. Многу луѓе од Балканот се селат во Германија.
Извор: faktor.mk