Дел од пекарниците најавуваат дека од утре, 1 декември, граѓаните ќе може да купуваат леб и за 32 денара. Во наредниот период, како што велат ќе има корекција и на цените на другите пекарски производи, веројатно за околу 10 проценти. Снижувања за над 10 отсто се можни и кај месните производи доколку Владата донесе одлука со која би се укинале давачките на увозните суровини, како што бараат компаниите од овој сектор. Намалени цени во декември не може да се очекуваат кај млечните производи кои, според преработувачите, ќе бидат поевтини од јануари.
Мелничарите и натаму се на ставот дека со активирање на стоковните резерви би се постигнал поширок бенефит. Посериозна стабилизација, пак, на цените кај млечните производи, како што оценуваат од млечната индустрија, може да се очекува само ако им се даде поевтина струја и на фармерите.
Веќе почна трендот на намалување на цените на одредени производи, посебно на лебот, млекото, млечните и на некои месни производи. Одреден производител на млеко имаше пред 4 – 5 дена цена над 80 денари, а денеска цената е 76 и најверојатно од 1 декември ќе има дополнително намалување. Одредени производители на леб имаат цени над 40 денари, а денеска тие се движат од 36 – 38 денари. И таму очекуваме дополнително намалување. Истото важи и за месните производи. Согласно сите калкулации, ќе има дополнително намалување во наредните денови со оглед дека завршуваат сите постапки во „ЕСМ продажба“ за склучување на договорите со компаниите прозводители на основните прехранбени производи.
извор: kurir.mk