За одредена генерација на Американци, моторите на Harley-Davidson отсекогаш дефинирале што значи да се биде навистина “кул“. За постарите, ова евоцира многу специфична слика: долга коса, очила за сонце, бандани и можеби американско знаме или две знамиња.
Но, додека таа носталгија добро му служеше на Harley-Davidson во текот на годините, денес истата му предизвикува многу незгоди на 115-годишниот производител од Милвоки. Денес, милениумците не се особено воодушевени за мотоциклите во целост, а ова ги пригушува продажбите на компанијата и нејзините напори за регрутирање. Токму затоа, во јануари оваа година, Harley-Davidson ја затвори фабриката во Канзас Сити бидејќи испораките на овие легендарни мотоцикли достигнаа шестгодишен минимум.
Но, компанијата се’ уште не се предава така лесно. Со својата нова #FindYourFreedom програма за пракса која започна од ова лето, Harley-Davidson зазема еден поинаков (out of the box) пристап во поглед на студентските пракси ставајќи ги кандидатите со одредена популарност на социјалните мрежи зад воланот цели 12 недели – настојувајќи да го подобри својот бренд помеѓу купувачите и работобарателите.
#FindYourFreedom програмата на Harley-Davidson им овозможува на практикантите да добијат бесплатен Harley којшто можат да го возат низ САД.
Средната возраст на сопствениците на мотоцикли изнесува 47 години. И покрај тоа што Harley направи значајни подобрувања во својата демографска структура, сепак младите, жените и обоените луѓе се’ уште претставуваат малцинство, а само 6 проценти од лицата на возраст од 18 до 24 години возат мотоцикли.
За да се реши овој проблем, Harley-Davidson директно се насочи кон изворот на проблемот: Генерацијата Z и Милениумците. За да ја таргетира оваа старосна група, Harley ја започна својата летна практикантска програма #FindYourFreedom која им овозможи на осум кандидати на возраст од 18 до 24 години да стажираат со свои сопствени мотоцикли од Harley-Davidson. Компанијата ги обучува да возат, а потоа ги испраќа на 12-неделно патување низ целата земја споделувајќи ги нивните авантури на социјалните мрежи – а на нив им е овозможено моторот да го задржат за себе.
За оваа невообичаена практикантска работа – без вклучено кафе и работа во канцеларија – Harley-Davidson бараше студенти со добри профили на социјалните мрежи и одлични оценки кои се спремни да ги споделат своите искуства додека патуваат низ земјата и присуствуваат на корпоративните настани. За да докажат дека токму тие се вистинските, од кандидатите беше побарано да испратат креативна апликација заснована на содржина која опишува што за нив значи зборот “слобода“.
Повеќе од 7.500 апликации од 30 земји
Повикот стана вистински хит: повеќе од 7.500 луѓе се пријавија од дури 30 земји ширум светот, вклучувајќи ги Јужна Африка, Русија, Кина, Аргентина, Франција и Египет. Но, само осум среќни победници беа избрани.
Преиспитување на традиционалните програми за пракса
Со својата практикантска програма, Harley-Davidson има за цел да направи трајни промени во културата, што ќе служи како дополнителен стимул за подобрување на брендот како посакуван работодавач и зголемување на возбудата за мотоциклизмот на Милениумците и припадниците на Генерацијата Z.
Ова треба да мотовира голем број работодавачи добро да размислат околу нивните програми за пракса и како еден ваков иновативен и свеж спин може да послужи не само за постигнување на една важна цел, туку на неколку одеднаш.