Исхак Ербај живее во руралното место Коџакој, 30 километри оддалечено од центарот на областа Ван. Тој камилите ги купува од западните области во земјата и ги одгледува таму, навикнувајќи ги на тешките природни услови, и притоа, води особена грижа за нивната храна и нега.
Саит Арслан, одгледувачот на камили, работното време го започнува во раните утрински часови, кога животните ги храни со смеса од јачмен и слама.
Потоа ги води до потокот кој се наоѓа во близина на селото, за да ги напои, каде што истовремено ги чисти со помош на снегот.
Арслан преку целиот ден во снежните ридови и висорамнините ги чешла влакната на камилите. Неговата поврзаност со животните ги восхитува луѓето.
Секоја камила одделно ја повикувам по име
Раскажувајќи дека животните ги храни двапати на ден, Арслан продолжи со зборовите: „Храната за камилите треба да се подготвува според одредени стандарди. Не јадат доколку има најмал недостаток во јачменот или сламата. Камилата е многу чисто животно. Во зима се чисти со снег, преку лето со чист песок. Ги одгледуваме многу добро, никогаш не ги занемаруваме.“
Нагласувајќи дека камилите за борење сакаат голема грижа, Арслан истакна:
„Местото каде што живеат камилите не треба да биде влажно. Тие непознатите лица не ги прифаќаат веднаш. Многу се поврзани со сопственикот. Камилите не личат на кравите, овците и другите животни. Камилата не треба да се тепа. Ако ја тепате, се лути, а ако се налути, тогаш ви плука во лице. Ги одгледувам како моите два сина. Од одгледувањето до исхраната, сѐ се прави на најдобар начин. Секогаш знам што сакаат. Ги контролирам на секој час. Секоја камила одделно ја повикувам по име.“
Туристите покажуваат интерес
Сопственикот на камили, Ербај, одгледувањето го започна со 6 мали камили, а сега има околу 20. Во регионот ретко има луѓе што одгледуваат камили.
Раскажувајќи дека секоја година ги продава камилите што ги одгледува, особено во егејските и медитеранските подрачја, Ербај истакна:
„Ако успееш емотивно да се доближиш до камилата, многу е полесно да се грижиш за нив. Може да живеат и на места каде што температурата изнесува 40 степени под нулата. На почетокот луѓето се чудеа поради нашето одгледување камили, бидејќи биле информирани дека камилите живеат само во пустините на Арабија. Всушност, можат да живеат и тука. Во летниот период, интерес за камилите покажуваат домашните и странските туристи кои доаѓаат во регионот.“