Во новата година ќе поскапат и преведувачките услуги. Од Здружението на преведувачи и толкувачи велат дека ќе излезат со препорака за 20 отсто да се зголемат цените и очекуваат сите да се придржуваат кон ова правило.
Оваа одлука може да наиде на одреден отпор, но сепак и трудот на преведувачите треба соодветно да се цени и плати затоа што и тие имаат повисоки трошоци за живеење. Во Европа и во Македонија сведоци сме дека има инфлација и тоа бара корекција и на цените на преводите.
„Фирмите, организациите, граѓаните кои ќе имаат потреба од превод на некој документ ќе треба да платат поскапо. Преведувачите иако не користат некои суровини, сепак и тие плаќаат поскапа струја, храна, вода. Инаку, ако преведувачот е професионален, ако добро си ја работи својата работа, доставува преводи навреме, ќе има ангажмани“, велат од Здружението на преведувачи и толкувачи.
Ова здружение брои 120 членови, од кои најголем дел преведуваат од англиски, германски, шпански, француски јазик. Сепак, во Македонија бројката на преведувачи е поголема, затоа што многу од нив не се организирани и не се членови на Здружението.
„Веќе има минимално покачување на преводите, но тоа е колку да покриеме основни трошоци, за принтер, хартија, но бидејќи сè околу нас поскапе, добро е да има уште едно покачување. За жал кај нас цените се многу пониски за разлика од странскиот пазар. Ако кај нас преводот за англиски почнува од 5 евра па нагоре, тој треба да биде најмалку 10 до 15 евра, затоа што имаме навистина квалитет, посебно за англиски јазик. Но, кај нас граѓаните и компаниите не се навикнати да платат поскапо за превод, без разлика дали се работи за англиски или за некој од ретките јазици како холандски, дански, шведски, чешки“, вели еден преведувач.
Во оваа фела потребна е поголема унифицираност на цените по кои ќе се работи, иако тоа е тешко да се постигне целосно, но и професијата да биде ценета и да го добие заслуженото место во општеството. Доколку трудот биде соодветно платен, а преведувачот ценет, тогаш тоа ќе биде мотивација и за младите кои штотуку станале или ќе станат преведувачи. Оваа професија бара многу труд, но и совладување на стручна терминологија од многу области, затоа што преведуваат документи во различни бранши.
извор: faktor.mk
Можеби ќе ве интересира: Стојат веднаш позади Министерот - кои се лицата кои преведуваат на знаковен јазик!?