На работа се возите сами. Гледате наоколу и повеќето автомобили имаат слично сместување – возачи и можеби уште еден патник. Гужвата е сè понеподнослива, се зголемуваат емисиите на штетни гасови, а паричниците стануваат сè потенки. Французите сфатија како да стават крај на тоа, или барем ќе се обидат.
Во моментов во Франција има околу 50 милиони празни седишта во автомобилите во движење секој ден. За да го направи патувањето со автомобил поеколошки и поевтино, француската влада ветува бонуси до 200 евра за возачите кои нудат заедничко користење на автомобил.
Возачите кои десет пати во рок од три месеци ќе се пријават на платформата за заеднички превоз до работа и превоз на патници ќе добијат по 100 евра. Има и 100 евра за три патувања на подолги релации, кои се плаќаат во форма на ваучери.
Владата сака да одвои 150 милиони евра за промоција на заеднички патувања.