Откриено е дека најмалку четири главни доставувачи на компанијата „Хјундаи мото“ и сестринската компанија „Киа корпорејшн“ вработуваат детска работна сила во фабриките во Алабама.
Во фабрика во сопственост на „Хвашин Америка корпорејшн“, доставувач на двете спомнати марки автомобили во градот Гринвил во јужна Алабама, овој мај работело 14-годишно девојче од Гватемала.
Во фабриките во сопственост на корејскиот произведувач на автомобилски делови „Аџин индастријал“, во градот Касета во источна Алабама, поранешен инженер на производството кажа дека работел со најмалку 10 малолетници. Уште шест поранешни вработени на Аџин потврдиле дека и тие работеле со повеќе малолетни работници.
И Хвашин и Аџин издадоа соопштенија во кои тврдат дека нивната политика забранува вработување на кој било работник кој не е законски способен за вработување, во што спаѓаат и малолетниците. Со идентичен корпоративен речник му кажале на Ројтерс дека „според нивните сознанија“ компаниите не вработувале малолетни работници.
Ројтерс во јуни открил дека две деца работеле во „Смарт Алабама ЛЛЦ“, во подружницата на „Хјундаи“ во јужна Алабама, од кои едно имало само 12 години. Во август американското министерство за труд извести дека „СЛ Алабама ЛЛЦ“, уште еден доставувач на „Хјунади“, вработувал малолетни работници, вклучувајќи 13-годишници. Сите деца биле од емигрантски семејства, а репортери на Ројтерс разговарале со 14-годишна работничка од Гватемала.
Законот на Алабама и на САД забранува работа во фабрика за лица помлади од 16 години, а на сите работници помали од 18 години им забранува вршење опасни работи во автомобилските фабрики, каде пресите за метал, машините за сечење или вилушкарите можат да загрозат и здравје и животи.
По првиот извештај на Ројтерс главниот оперативен директор на Хјундаи во САД Хозе Муњоз кажа дека фирмата ќе го прекине работењето со доставувачите кои вработувале деца. Но, Хјундаи сега се повлекува од тоа и продолжува да работи со истите доставувачи. Компанијата само испрати соопштение дека сега во фирмите со кои е поврзана се заострени контролите.