„Дали треба да си дадам оставка на функцијата извршен директор во Твитер?" – вакво прашање постави милијардерот Илон Маск синоќа со еден твит, давајќи им можност на корисниците да го одговорат со „да“ или „не“.
Денеска претпладне (19.12.2022 – 9 часот со средноевропско време), се навестува мнозинство за опцијата „не“ – 15 милиони корисници или 57 проценти, наспроти 43 проценти за опцијата„да“.
51-годишниот шеф на Тесла го презеде Твитер во октомври годинава за 44 милијарди долари, експресно брзо потоа отпуштајќи голем дел од вработените заради редуцирање на трошоците на економски заслабената фирма.
Ова не е прва анкета која Маск ја спроведува преку Твитер. Внимание и бранувања предизвика изјаснувањето дали поранешниот американски претседател Доналд Трамп смее повторно да се врати на Твитер. Исходот од анкетата беше позитивен, па во ноември Маск му ја укина суспензијата на Трамп на Твитер.
Можеби ќе ве интересира: Твитер, покрај сините, воведува златни и сиви знаци - Еве што значи тоа!
Големо незадоволство кај корисниците предизвика најавата на Илон Маск дека ќе забрани линкови до други социјалните медиуми и ќе ги суспендира профилите што се обидуваат да ги насочат корисниците кон алтернативни платформи, меѓу останатите Фејсбук, Инстаграм и Мастодон, веројатно во обид да спречи пребегнување на корисниците кај конкурентите.
Маск одамна се презентира себеси како поборник на слободата на мислење. Но, на Твитер пропагираше теории на заговор и ја користеше платформата за преку своите твитови да агитира за Републиканската партија во САД. Социјалната мрежа во изминатите години прерасна во важна комуникациска платформа – во цел свет ја користат и влади, служби и политичари за својата работа со јавноста.
извор: www.dw.com