Ако постои термин кој многу често се спомнува кај корисниците на интернет тоа дефинитивно е VPN.
И додека имаме милиони корисници кои тврдат дека не би можеле без него, од најразлични причини, исто така има и многу корисници кои воопшто не знаат што е оваа алатка, како функционира и за што се користи.
VPN всушност значи Virtual Private Network, или виртуелна приватна мрежа. Примарната намена на оваа мрежа е одреден корисник да има можност да пристапи до одредена мрежа, јавна или споделена и да испраќа и прима податоци исто како да е физички таму.
Како функционира VPN?
Виртуелните приватни мрежи денес најчесто се користат за да се додаде малку безбедност на секојдневното користење на интернетот. Ваквата алатка се однесува како посредник, со што ви дава заштита доколку некој се обиде да дојде до вашите податоци.
Кога ќе се поврзете на ваква мрежа, било какви податоци кои вие ги испраќате или примате се пренесуваат преку истата. Конекцијата помеѓу вас и мрежата е многу често енкриптирана, што додава многу од безбедносна гледна точка. Овие податоци се проследени до веб страната до која се обидувате да пристапите, а потоа и назад до вас, повторно користејќи ја мрежата како посредник.
Малку повеќе детали
Иако може да се гледа на виртуелните приватни мрежи како посредник меѓу вас и веб страните и сервисите кои ги посетувате, работите сепак не се толку едноставни. За ова да работи на безбеден начин, потребна е енкрипција која ќе се погрижи да вашите податоци стигнат до виртуелната мрежа безбедно, и податоците кои ги примате да стигнат до вас исто така безбедно.
Различни виртуелни приватни мрежи користат различни стандарди и технологии за енкрипција, но денес имаме неколку популарни опции.
За што се користи VPN?
Кај виртуелните приватни мрежи има една поделба кога станува збор за корисниците. Едната група на корисници се “секојдневните” корисници, а другата се оние за кои првично биле наменети ваквите мрежи, или бизнис корисниците.
Секојдневните корисници користат виртуелни приватни мрежи за многу намени. Најпопуларната за “обичните” корисници, како што спомнавме погоре, е за да пристапат до мултимедијална содржина која не е наменета за нивната географска локација. Сервисите како Netflix се познати по тоа што не сета содржина е достапна насекаде, па доколку сакате да гледате некој филм или серија кој не е достапен за вашата локација, виртуелна приватна мрежа би ви го овозможила ова.
Исто така, ваквите мрежи се користат кога сте поврзани на интернет од сомнителна или небезбедна мрежа, како оние што ги има на аеродромите и во кафе баровите. За разлика од вашата домашна мрежа, паметно е да не се верува многу на ваквите мрежи, бидејќи не може да се знае колку (ако воопшто) се заштитени. Користењето на VPN ги штити вашите податоци во ваков случај.
Компаниите кои имаат канцеларии на повеќе физички локации, како и вработени кои работат од дома или од друго место надвор од канцеларијата, користат виртуелни приватни мрежи за да им овозможат на вработените да комуницираат и да вршат пренос на податоци како да се физички на иста локација. Исто така, компаниите користат вакви мрежи и за да им овозможат на нивните вработени безбеден пристап до нивните сервери.
За што би можеле да го користите?
Во Македонија виртуелните приватни мрежи, покрај во бизнис околини, најчесто се користат за пристап до податоци кои не се достапни кај нас. Netflix, Spotify и останатите сервиси за стримање на мултимедијални содржини или не се достапни воопшто, или имаат значително ограничена содржина, посебно кога ќе се спореди со содржината која е достапна на другите пазари. Доколку сакате да гледате или слушате нешто што го нема кај нас, виртуелна приватна мрежа ќе ви го овозможи тоа.
Исто така, доколку мрежата која ја користите ви блокира одредени веб страни и сервиси, без оглед на тоа дали е домашна или јавна мрежа, со VPN може да се пристапи до истите, што е уште една убава причина да го користите.
И за крај, секако, фриленс културата кај нас е во подем, што значи дека има многу корисници кои користат VPN за да ги заштитат своите податоци кога се поврзани на јавни мрежи, како оние во кафе баровите.