Охриѓани за новогодишните празници ветуваат богата и квалитетна програма за сите оние што ќе допатуваат во овој наш туристички центар.
Ова би можело да ве интересира: Forbs го предлага Охрид за посета како еден од најубавите градови на Балканот
Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков на денешната прес-конференција најави дека домаќините и гостите на градскиот плоштад новата две илјади и дваесет и трета година ќе ја дочекаат заеднички со познати естрадни уметници од земјава, а забава ќе има и на први 1-ви јануари...
Најголемиот македонски туристички центар Охрид ќе има дочек на Нова Година каков што заслужува. Новогодишната програма ќе започне на 31-ви декември која во првиот дел ќе биде посветена на најмладите, при што ќе се одржи претставата „Дружината на Дедо Мраз“ и мјузиклот „Трите прасиња“. На истата сцена вечерта во рамките на традиционалниот дочек на Новата година на градскиот плоштад за доброто расположение на охриѓани и гостите ќе се погрижат познати естрадни уметници од земјава меѓу кои ќе бидат Петар Нечоски, Ѓоко Танески, Ефто Пупиноски и Миле Кузманоски.
„Очекуваме бројни туристи од земјава и странство и она што можам да го ветам е весел и незаборавен дочек за 2023 година на градскиот плоштад во Охрид. Ги поканувам сите сограѓани и добронамерници да бидат дел од оваа убава новогодишна забава во нашиот прекрасен град“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Не помалку забавно ќе биде и на првиот ден од Новата година кога точно напладне на градскиот плоштад домаќините и туристите ќе уживаат во добра музика и проектот „И повторно евергрин“. Инаку Охрид уште сега се подготвува за големиот верски празник Богојавление Водици.
„Она што во моментов е потврдено е дека по чинот на осветувањето и фрлањето на светиот крст во езерските води на 19- јануари на плоштадот Свети Климент Охридски ќе настапи групата Чалгија SOUND SYSTEM. За останатите детали околу Богојавленските празнувања ќе бидете информирани дополнително“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
За новогодишните и верските празнувања општина Охрид ќе издвои околу два милиони денари.