Македонија повторно зимава урива рекорди со загаден воздух. Скопје повторно се најде меѓу 10-те најзагадени градови во светот, во листата на градови од: Индија, Кина, Пакистан, Монголија кои пак имаат милионско население.
Скопје котираше на високото 3-то место, а претходните години состојбата не беше ништо подобра. Бројот на жители е еден од факторите кои влијаат на загаденоста на воздухот, но тој не е единствен, туку важни се и навиките на граѓаните и општо колкава е грижата за заштита на животната средина.
Во минатото експертите укажуваа дека градовите се проектирани за одреден број возила, а денес има многу повеќе и објаснуваат дека тоа влијае на квалитетот на воздухот. Така за Куманово беше кажано дека улиците се планирани за 7.000 возила, а нивниот број лани бил 28.000. Ако во минатото едно семејство не поседувало или поседувало само еден автомобил, денес едно домаќинство може да има и повеќе возила.
Прочитајте: Кои маски штитат, а кои не од загадувањето? Eве какви треба да барате!
Статистичките податоци покажуваат дека во Скопје бројот на жители расте. Според последните податоци од пописот, во Скопје живеат 526.502 жители, што споредбено со пописот од 2002 година е за 19.576 лица повеќе, кога во Скопје живееле 506.926 граѓани.
Во 10-те најзагадени градови во светот често фигурира градот Лахоре во Пакистан, кој има над 11 милиони жители, Карачи во истата држава со скоро 15 милиони, потоа Њу Делхи во Индија со околу 17 милиони жители, Ханој во Виетнам со над 6.5 милиони жители. Но, на оваа мапа на најзагадени градови високо се искачуваат и балканските престолнини Белград, Сараево, Приштина.
извор: faktor.mk