Интервјуто за нова работа е возбудливо – секој разговор е можност да кажете како се гледате себеси во нова улога или компанија и да аргументирате зошто го заслужувате тоа
На интервјуата за работа има една неизбежна тема која може да ги збуни и најподготвените кандидати, а тоа е прашањето околу платата.
Природно е да сакате да бидете фер платени за вашата работа. Меѓутоа, да се зборува отворено за платата со личност со која веројатно ќе работите на долг рок или со менаџер за човечки ресурси кој има многу повеќе интерни информации од вас е доста предизвикувачки, дури и малку непријатно, па затоа не е чудно што оваа тема кај многумина предизвикува нервоза и вознемиреност.
Но, постојат начини да се подготвите за преговарање за плата, без разлика дали сами ќе ја отворите темата или ќе чекате соговорникот да го стори тоа.
Кога да се спомене платата за време на интервју за работа?
Експертите советуваат дека на секое интервју за работа треба да одите со подготвени очекувања кога станува збор за платата. Една од основните задачи кога се подготвувате за интервју е да барате податоци за платите во индустријата, да ги проверите достапните податоци на Интернет и да слушате совети и информации на социјалните мрежи за да создадете слика за вашата позиција на пазарот на трудот.
Се повеќе компании почнуваат однапред да ја кажуваат својата понуда. Во тој случај, може да разговарате за платата во првиот или вториот круг на интервјуто. Доколку сте убедени дека ја заслужувате сумата што сте ја зацртале и веќе имате неколку ветувачки интервјуа зад себе, можете на почетокот да го поставите прашањето за платата, за што подобро да го искористите вашето време, вели советничката за кариера Октавија Горедема.
Сепак, генерално треба да почекате додека не се претстави понудата или да чекате што е можно подолго за да разговарате за конкретни бројки, советува Горедема. Тогаш, имено, ќе имате подобра преговарачка позиција - ќе знаете дека навистина сакаат да ве вработат и дека веќе потрошиле време и пари за да ве проверат.
Како да одговорите на прашањето „Колкава плата очекувате?
Експертите генерално советуваат да се обидете да избегнете да ја наведете точната сума на почетокот. Ако наведете премногу ниска сума, тешко ќе го поправите тоа подоцна. Доколку пак побарате превисока сума - без дополнителни интервјуа за да потврдите дека ја заслужувате - менаџерите за човечки ресурси може да се обратат кај друг кандидат кој очекува помала плата.
Наместо тоа, можете да одговорите на прашањето со „враќање на топката“ кај соговорникот. Бидете љубезни и љубопитни: „Би рекол дека компензацијата е важен аспект од работата и таа мора да биде прифатлива и за двете страни. Со оглед на тоа што управувате со човечки ресурси и како такви знаете колку компанијата може да понуди, би сакал да го слушнам вашето мислење за опсегот на плата за оваа позиција“.
И ако другата страна инсистира да слушне конкретен износ?
Личноста која ве интервјуира може да го повтори прашањето и да инсистира да кажете конкретна сума која ја барате. Во тој случај, бидете подготвени да одредите опсег на плата врз основа на податоците кои претходно ќе ги соберете.
Бидете јасни за минималниот износ што го очекувате. Нека биде тоа долниот износ од опсегот и не отстапувајте од него. Поставете ја горната граница доволно високо за да оставите простор за понатамошни преговори.
Би можело да ве интересира: Работниците денес имаат голема предност кога се во прашање преговорите за плата
Колкав треба да биде тој опсег? Ќе зависи од тоа колку ја сакате работата, колку ви е важна платата и колку е силна вашата позиција во тој момент. За да дознаете која е просечната плата за работата за која аплицирате, посетете ја МојаПлата, услуга која ги следи износите на платите за повеќе од 300 работни места.
Ако сè уште размислувате дали навистина ви се допаѓа понудената работа или не, можете да наведете малку поширок опсег. Ако навистина ја сакате таа работа, знаете дека можете да преговарате за други бенефиции и можете да бидете малку пофлексибилни во однос на вашето барање за плата за да ја забрзате нивната одлука, можете малку да го намалите опсегот.
Сепак, не отстапувајте од минималниот износ. Исто така, имајте на ум дека колку е поширок опсегот, толку е понејасен, односно помалку „ултимативен“ во преговорите.
Секогаш можете да додадете дека тоа се вашите првични очекувања врз основа на вашето претходно знаење за работата и компанијата и дека очекувате да разговарате за поконкретни бројки во понатамошниот процес на регрутирање.
За да ги дознаете моменталните плати на пазарот за вашата позиција, внесете ги вашите податоци во МојаПлата