Охрид исполнет за новогодишните празници со бројни домашни и странски гости. Зголемена раздвиженоста се бележи во чаршијата, на градскиот кеј, но и на сообраќајниците.
Хотелските капацитети на охридско-струшката ривиера за Новогодишните празици според најавите делумно се исполнети, додека помалите сместувачки капацитети, станови и апартмани се целосно исполнети.
За дочекот на Новата година и годинава најголем број од гостите се од соседните држави, Бугарија, Србија, Албанија, но и од земјава.
За Охриѓани и гостите кои овие празнични денови се во Охрид подготвена дводневна новогодишна програма која почнува денес напладне со настап на хорот при КУД „Гердан“, а од 13 до 15 часот на истата сцена ќе се одржи новогодишната театарска претстава „Дружината на Дедо Мраз“ и мјузиклот „Трите прасиња“.
Вечерва со почеток во 20:00 часот на плоштадот ќе настапат естрадните уметници Петар Нечески, Татјана Стефаноска, Ѓоко Танески, Ефто Пупиноски, Миле Кузманоски и Диџеите Багзи и Јана Slayy.
Новогодишната програма продолжува на 1-ви јануари точно напладне со настап на Марија Савеска и групата „Камелеон“ на градскиот плоштад, како и проектот „И повторно Евергрин“ кој ќе го изведат Лидија Кочоска – вокал, Влатко Груевски – вокал и Андреа Наунов – пијано и вокал.