Зимските туристички центри низ земјава, но и во регионот без снег.
Иако зимскиот распуст кога учениците не се на училиште е најповолен период за зимски спортови и уживање на снег, планинските врвови се без снег сега за сега.
Снег не се очекува ниту за Божиќ, па така родителите велат дека иако сакаат да ги одведат децата на снег барем ден или два, нема услови за тоа.
-Децата со нетрпение го очекуваат снегот. Секоја година одиме по некој ден на Шапка или во Маврово каде се учат да скијат со инструктори, но оваа година очигледно прогнозата вели да не очекуваме снег во следниот период. Потоа ќе почне второто полугодие, споделува еден родител.
-Децата се радуваат и го очекуваат снегот, но еве снег нема. Нема ниту во Банско, на Златибор...Останува да чекаме, вели друг.
Оние кои сакаа да заминат на некоја планина во соседна Србија или Бугарија ги откажуваат резервациите бидејќи нема снег. -Планиравме да одиме на Златибор, но го откажавме патувањето бидејќи нема снег. Сакавме да скијаме, да уживаме на снег, а вака без снег нема зошто да се патува, вели една скопјанка.
Според страницата за прогноза „Accuweather“ до 20 јануари нè очекува облачно време со сончеви периоди, по што се очекува дожд, но ниту на повидок нема најава за снег.