Статистичките податоци покажуваат дека градежниот сектор, еден од носителите на економскиот раст во земјава во минатото, почуствува силен удар од кризите кои се надоврзуваа една на друга. Изминатата година беа забележани големи падови во секторот, а особено во првиот квартал од годината. Какви се изгледите за стабилизирање на секторот оваа година и дали се создаваат услови за раст на компаниите од градежната фела?
Изминативе години градежниот сектор се соочи со разни потешкотии, почнувајќи од мораториумите за градба, па се до значителниот раст на цените на градежните материјали. Неминовно неизвесноста водеше кон намалени градежни активности, и раст на цените на недвижнините. Градежниците велат ова беше очекуван след, со оглед на ограничените можности за работа.
- Растот на цената на енергенсите, енормните поскапувања на цените на градежните материјали и отежнатиот пристап до суровини во изминатиот период ги ставија во незавидна положба домашните градежни компании кои во отсуство на мерки за поддршка на градежниот сектор, сами го понесоа товарот за справување со мулти кризата. Новите околности, надоврзани на претходните проблеми поврзани со недостаток на квалификуван кадар, ажурно администрирање на проектите и квалитетна регулатива доведоа до значителен пад на градежништвото што се одразува и врз дваесетина други стопански гранки чиј ангажман го повлекува овој сектор. Имајќи ги предвид статистичките податоци, тешкотиите со кои градежните компании се справуваат на дневна основа и глобалниот контекст, за нас успех е самото тоа што во вакви услови градежните компании се уште опстојуваат на пазарот обидувајќи се да ја одржат ликвидноста и да ги задржат вработените – потенцираат од Здружението.
Од таму потенцираат дека за годинава очекуваат оти државата ќе се фокусира на градежништвото и ќе обезбеди поддршка за градежните компании преку интензивирање на јавно – приватниот дијалог и решавање на приоритетните прашања кои ќе овозможат поголема градежна активност.