Министерството за образование и наука, денеска објави нов јавен повик со можност за кариерно напредување на наставниците од основните училишта. Како што информираат оттаму, повикот е објавен на веб-порталот www.karierenrazvoj.mon.gov.mk, а може да се пријават наставници од основни училишта за напредување во звање „ментор“. Ако бидат избрани, наставниците ментори ќе земаат за околу 2.800 денари повисока плата.
„На повикот може да се пријави наставник од основно училиште кој ги исполнува условите согласно Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, односно има најмалку седум години работни искуство како наставник, вработен е на неопределено работно време и ги исполнува професионалните стандарди за наставник – ментор“, наведено е во соопштението на МОН.
Во повикот е наведена и листата со општини и училишта во кои наставниите може да аплицираат за звање „ментор“.
Пријавувањето се спроведува исклучиво електронски преку овој портал. Во прилог на апликацијата се приложува и соодветна документација како доказ за исполнетост на наведените услови. Крајниот рок за аплицирање е 20 февруари 2023 година.
Во образовниот систем за првпат се воведе кариерен напредок на наставниците пред точно две години. Ова подразбира стекнување повисок личен доход. Наставникот освен во ментор, може да напредува и во советник.
Кога влегува на работа во образование, наставникот најпрво е приправник, потоа станува наставник, па по седум години – наставник-ментор и наставник-советник. Во сите нивоа платата е сè повисока.
Членови на посебна комисија ќе ги бодуваат сите ангажмани на наставникот. Се земаат предвид и сертификатите од завршените обуки од последните пет години. Ако наставникот бил обучувач, тоа се бодува повеќе. Предност е и ако пишувал учебници. Потоа, советник од Бирото за развој на образованието оди на час и ја следи работата на наставникот. Мислење за наставникот-кандидат, дава и училиштето, односно директорот.
извор: meta.mk