Оптимистички најави на полето на туризмот за 2023 година. Според Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот се очекува стабилизација на туристичкото стопанство. Авиолинијата Охрид Белград, која стартува во јуни ќе го удвои бројот на српски туристи. Прогнозите се оваа година да се надмине рекордниот број туристи и ноќевања од претпандемската 2019 година...
Агенцијата за туризам најавува пораст на бројот на туристи преку нови авиолинии на охридскиот аеродром. Со воведувањето на директен лет Охрид-Белград, кој стартува од месец јуни се очекува да се удвои бројот на ноќевања на српските туристи, кој во текот на минатата година беше зголемен за 40%.
Ер Србија ќе лета 4 пати неделно, по примамливи цени. Ќе има и чартер-лет Измир Охрид, а туроператорите веќе најавуваат зголемување на летовите за оваа сезона.
„Фокусот повторно ќе биде на регионалните пазари кои треба да ги стабилизираме очекуваме помеѓу 10 до 15% дополнително секундарните пазари помеѓу 30 и 40% раст. Односно 2023-та година заеднички со засукани ракави верувам дека ќе успееме да ја надминеме бројката од 3,2 милиони ноќевања и сериозно да се приближиме до пола милијарда трговски да кажеме или туристички импакт“, вели Љупчо Јаневски директор на АППТ.
Оваа година се очекува зголемување на бројот на туристи и од европските и азиските земји, и повеќе кружни тури на Балканот, во кои Охрид е неизбежна дестинација.
„Очекуваме 2023 година да имаме поголем број групи од поразлични дестинации, групи од егзотични дестинации односно за нив Балканот е егзотично место, како и минатата година што можевме да препознаеме португалски, шпански, мексикански, бразилски и тоа токму во Охрид коишто ќе бидат на еден до два дена. Се надеваме се повеќе и повеќе кружни патувања од дестинации коишто досега не нè посетувале“, додава Јаневски.
Една од целите на македонскиот туристички сектор за 2023 година е бројот на ноќевања од стратешките туристички пазари да биде поголем дури и во однос на претпандемиската 2019 година, која се смета за рекордна година во туризмот.