Битола е прв град на Балканот со туристичка понуда за лица со попреченост и тоа ќе овозможи во наредниот период да се зголеми посетата во градот од државата и од странство, и да се информираат за најважните културно-историски споменици и објекти во Битола.
За лицата со попреченост изработени се туристичка сигналитика за десет најзначајни културно-историски споменици во Битола, наменета за лица со попречености и тие веќе се предадени на Општина Битола да ги постави на пристапни локации пред соодветните знаменитости. Изработена е апликација за мобилни уреди, туристички водич за Битола за лица со попречености и печатен туристички водич за Битола за слепи лица и лица со оштетен вид. Инвалидитет, инвалидност или попреченост, привремено или трајно, може да има секој од нас. Сепак, бројни примери од светот покажуваат дека попреченоста не е никаква пречка за „нормален“ живот, особено денес, кога со помош на технологијата, со минимални интервенции, може да се постигне и да се примени универзален дизајн.
Тактилните табли ќе бидат поставени пред градската Саат Кула, Храм Свети Димитрија, Исак Џамија, Католичка Црква, Музејот, Хераклеја и други објекти и институции во Битола кои предизвикуваат најголем интерес кај посетители од државата и странство.
Скоро сите ние денес користиме паметни мобилни телефони, кои со можностите кои ги нудат се далеку повеќе од телефон, т.е може слободно да се класифицираат како персонални уреди кои буквално ги носиме секаде со нас, кои добро ги познаваме и сме навикнати на нив. Во случајот со самоводечките тури, тие може да послужат како наш личен водич, кој по преземањето на апликацијата и избирањето на соодветната тура не води низ нашето патување. Во случајот тоа е турата „Битола – тура низ центарот на градот“ поставена на апликацијата izi.Travel“.
Турата почнува пред Музејот и по Широк Сокак го води посетителот до останатите културно историски споменици. Штом корисникот се доближи до одреден објект, апликацијата ја знае неговата локација и автоматски се активира аудио нарација на македонски или англиски јазик. За лицата со оштетен слух употребени се видеа на знаковен јазик, со што оваа тура им се прави пристапна и ним, а воедно за секој објект се поставени и информации во однос на физичката пристапност до истиот. За слепите лица се изработени водичи на Браево писмо со имплементирани тактилни слики, а особено горди сме на металните тактилни паноа, кои треба да се постават пред секој објект.
Металните тактилни паноа се изработени од нерѓосувачки челик и на нив е поставена тактилна слика, најчесто предната фасада на објектот и текст на Браево писмо на македонски и англиски јазик. Имајќи предвид дека само околу шест проценти од слепите лица знаат да читаат Браево, се препорачува повторно користењето на претходно споменатата апликација, каде описите се поставени во облик на аудио нарации