Трошоците на животот во 2022 година, во однос на 2021, забележале пораст од 14.2 отсто, а цените на мало од 12.6 отсто, соопшти денеска Државниот завод за статистика (ДЗС).
Прочитајте: Платите се најниски во Бугарија, а каде во ЕУ се највисоки?
Во декември 2022, пак, во споредба со претходниот месец, трошоците на животот се намалиле за 0.2, а цените на мало се зголемиле за 0.7 отсто.
Движењето на индексот на трошоците на животот во 2022 година, беше различно кај одделни групи на потрошувачката. Пораст на индексите е забележан во групите, храна и безалкохолни пијалаци за 20.9 отсто, транспорт за 19.5 отсто, ресторани и хотели за 15.5 отсто, домување, вода, електрика, гас и други горива за 13.3 отсто, разновидни стоки и услуги за 8.9 отсто, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 8.6 отсто, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 7.5 отсто, рекреација и култура за 4.9 отсто, здравје за 4.0 отсто, облека и обувки за 1.8 отсто, комуникации за 0.4 отсто и образование за 0.3 отсто.
Движењето на индексот на цените на мало во 2022 година, исто така, беше различно кај одделни групи на производи. Пораст на индексите е забележан во сите групи, индустриско-прехранбени производи за 20.1 отсто, земјоделски производи за 16.0 отсто, индустриско-непрехранбени производи и тутун за 14.2 отсто, пијалаци и услуги за 8.3 отсто. Индексот на трошоците на животот во декември 2022 година, вo споредба со декември 2021 година, забележа пораст од 18.7 отсто, а индексот на цените на мало забележа пораст од 15.1 отсто.