Единствениот национален регистар на прописи го објави предлог Законот за системот на плати, во кој треба сите вработени во јавниот сектор и функционерите да имаат горе-долу еднакви плати според компетенциите.
Во Законот, за кој Владата вели дека засега е само драфт-верзија, се вели дека одредбите се задолжителни и дека ги опфаќа и независните државни органи, јавните претпријатија и сите избрани и именувани функционери, или практично сите вработени во јавниот сектор - а станува збор за околу 150.000 од нив.
Во член 6 има начело на еднаквост според кое на вработените треба да им исплаќа еднаква плата за иста работа кога ќе се утврдуваат посебните платни системи за секој државен сектор посебно.
Разните институции, само доколку имаат буџет за тоа, на основната плата на работниците, ќе може да им исплаќаат додатоци како, на пример, за задржување на кадар, тимски бонуси, за работа изложена на висок ризик, за ноќна работа, за работа од ралечина и за работа во смени, итн.
Ќе ве интересира: Плата до 35.496,00 денари: Министерство за здравство вработува 10 службеници
Сите вработени ќе добиваат плата така што минималната плата ќе се множи со одреден бод, откако претходно ќе се направи класификација на работните места со владина уредба, а вредноста на бодот за нивото на работно место пишува дека е единствена за сите вработени во јавниот сектор. Тоа ќе го изгласува Собранието на предлог на Владата еднаш годишно во период кога ќе се носи и државниот буџет за следната година. Ќе се споредуваат и платите со приватниот сектор и ќе се прават табели со називи на работни места кои ќе ги утврдува секоја институција посебно.
За максималните плати, оние на раководителите и на најплатените, ќе се утврдува „Коефициент за утврдување на максимални плати и коефициент на корекција“ во различните платни потсистеми. Коефициентите ќе ги утврдува Владата самостојно со уредба по сугестија на Министерството за финансии. Сепак, во посебен член се вели дека максималните плати нема да се намалуваат доколку се поголеми од донесениот коефициент, туку дека во тој случај, нема да се зголемуваат со растот на минималната плата.
извор: faktor.mk