При разгледување на огласите за вработување што ги објавува Агенцијата за вработување боде очи еден оглас каде што се бара лице одговорно за контрола на квалитетот на секоја серија на екстракт или други производи од коноп, за што се нуди плата од 123.600 денари, или околу 2.000 евра.
Би можело да ве интересира: Следува исплата на јануарската финансиската поддршка за пензионерите - еве кога да очекувате!
Оваа плата по големината може да се мери со платите во областа на програмирањето, што се и најголемите во земјава. Во најголем процент на конкурсите се бараат лица за најниската плата во Македонија – 18.000 денари. Тоа се најчесто возачи, келнери, хигиеничари, економисти, ракувачи на градежни машини, работници во конфекција и слични дејности. За оваа плата се бараат и машински и градежни инженери и директори.
Според mojaplata.mk опсегот на платата за лице што работи во Македонија вообичаено се движи од минимални 18.000 денари до 51.000 денари што е највисок просек, бидејќи реалната максимална плата е повисока. Ова е вкупната месечна плата во која се вклучени и бонусите.
Платите драстично се разликуваат помеѓу различните категории на работни места. Во областа Топ менаџмент просечната плата изнесува околу 81.000 денари од кои минималната е 35.000 денари, а највисокиот просек е над 142.000 денари (главен извршен директор прима 208.000 денари). Во областа лизинг просечната плата е 42.000 денари, градежништво и недвижности – 31.500 денари, медицина и социјална заштита – 27.500 денари. Во новинарството и печатените медиуми просечната плата е 25.500 денари.
Во јавната администрација и локалната самоуправа просечната месечна нето-плата изнесува 32.000 денари, што е на ниво на просечната плата во државата. Но, платите во јавната администрација од оваа година ќе се зголемат со што и просекот ќе рипне нагоре. Така, просечната бруто-плата во Владата ќе се зголеми за 5.350 денари и ќе изнесува 64.200 денари, а за 6.600 денари, пак, се намалува просекот во Собранието и ќе изнесува 66.900 денари.
Просекот на бруто-плати во Министерството за образование и наука ќе достигне 58.822 денари, во Финансии ќе стигне до 60.685 денари, во МВР ќе биде 62.112 денари, а во Одбрана просекот ќе изнесува 55.068 денари. Раст на просечната бруто-плата има и во Министерството за здравство – 49.752 денари, во Министерството за култура ќе достигне 49.509 денари и во Министерството за земјоделство – 43.358 денари. Во Министерството за економија просекот останува на речиси исто ниво од 50.600 денари како и во Министерството за правда каде што со минимално зголемување ќе изнесува 44.357 денари. Зголемување на просекот на платите има и во државните агенции, заводи и дирекции.
Во Советот на јавни обвинители просекот на бруто-платата ќе изнесува 92.745 денари, во Јавното обвинителство пресметана – 66.749 денари, во судската власт (основни судови, Апелационен суд, Врховен суд…) просечната бруто-плата в година ќе изнесува 52.401 денари.