Продавниците на бензиски станици и продавниците, киосците и штандови во трговски центри (молови) откако ќе го пријават работното време за работа во ден недела и на празници треба до 15 јануари во тековната година, да уплатат надоместок во висина од 2 проценти од вкупниот приход остварен во претходната година, потсети Министерството за економија.
Одредбата за надоместок во висина од 2 отсто ќе важи од 1 јануари 2023 година, а ќе се пресметува на вкупниот приход остварен во ден недела и на празници во 2022 година- велат од ресорот.
За работа во ден недела и на празници, трговците на мало опфатени во став 5 на член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија (Службен весник на РС Македонија бр 295/21), се должни да го пријават работното време на Централниот регистар на РСМакедонија најмалку 15 дена пред почетокот на работењето, односно пред измената на часот на почетокот и часот на завршувањето на работното време, времето за пауза и распоредот на работното време.
Продавниците на бензински станици во чии рамки се врши трговија на мало претежно со храна, пијалоци и тутун и трговските центри (молови) кои ги исполнуваат минимално техничките услови, работното време за работа во ден недела и на празници треба да го пријават на Централниот регистер на Република Северна Македонија до 5 јануари во тековната година.
Потврдата од Централен регистер се доставува за евиденција во Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд велат од Министерството за економија.
Tрговија на големо не смее во целост да се врши во ден недела и на празници.
Инаку, во последната објава на Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија (Службен весник на Република Северна Македонија бр. 150/22), трговијата на мало во ден недела и на празници може да се врши во продавници, киосци и штандови во туристички места утврдени со Законот за туристичка дејност.
Овие трговци може да работат во ден недела и на празници според членот 2 од Законот за празниците на Република Македонија, во време од 08:00 до 22:00 часот.