Приказната за македонските официјални пари како валута е повеќеслојна. Многузначајна, проткаена со желбата да ѝ се помогне на државата што се осамостојуваше во почетокот на 90-тите години од минатиот век.
Како се печатеа првите македонски пари? Фасцинантна е приказната за печатењето на парите во Прилеп. Зошто македонската валута почна да се печати во прилепската печатница „11 Октомври“? Прво боновите, па првата и втората генерација пари.
Сашо Зафироски, графички инженер, долгогодишен директор на прилепската печатница „11 Октомври“ со гордост се сеќава како пред 33 години, почна приказната за македонските пари. Во почетокот на 90-тите години од минатиот век, во тогашна СФРЈ, почнаа да се случуваат чудни работи, се сеќава Зафироски и вели дека сето упатуваше на распаѓање на Федерацијата.
– Чудно беше во Словенија. Во тамошниот неделник „Младина“ почна да се пишуваат радикални написи. Сето тоа упатуваше на еден процес на распаѓање. Ја следев ситуацијата, анализирав и дојдов до заклучок, што потоа беше евидентно – можно е Југославија да се распадне. Ако е така, ќе се формираат засебни држави, а и нашата Македонија еден ден би била посебна, независна држава. Тоа значеше дека на една таква, независна, посебна држава ѝ се потребни сите атрибути на државност. Пораката беше: „Ние знаеме да ги направиме клучните документи – пасоши, лични карти, возачки, сообраќајни дозволи, свидетелства, изводи, пари…Тука сме ако ви требаме“. Идејата ѝ ја образложив на креативна група во печатницата. Прво беа скептични, зашто предлагав да доаѓаме на работа во сабота и во недела, да изработуваме документи. Беа скептични зашто еден ден треба да правиме пари. Без разлика на сето тоа, ситуацијата ја следевме и ги правевме сите тие „производи“ и со придружна документација ги проследувавме во сите министерства. Прво ги направивме пасошите, па личните карти, возачките, сообраќајните, изводите…Тоа беше долг и дискретен процес. Повеќе скришум. Траеше со месеци, ја раскажува приказната за парите Сашо Зафироски.
На една млада држава во зародиш, за осамостојување, ѝ се потребни и – пари. Зафироски вели дека неуморно почнал да прави прототип на нови македонски пари.
– Разговарав со кустоси, одев во музеи. Кое име да ѝ ја дадеме на парата. Од сето што го слушнав и што читав, како најсоодветно ми се виде името -статер. Си рековме: ајде, ќе направиме една пара, на пример, 20 статери. Идејата беше, на ликот на едната страна, на аверсот, да биде Гоце Делчев. Бидејќи работевме во недела, во тој момент не можевме да најдеме соодветни фотографии, тогаш го натерав уметникот да го нацрта ликот на Александар Македонски во воена униформа. На реверсот го направивме Македониумот од Крушево.Во жигот беше ликот на Киро Глигоров. И, така, ја направивме таа пара, раскажува Зафироски.
Банката ги поставила основните насоки за создавањето и печатењето на првите македонски пари. Прво боновите, па реалната валута. И тоа е приказна за незаборав.
И, работата со парите тргна. Во печатницата се работело деноноќно.
– За боновите решив дека треба да бидат прилепско-крушевски мотиви. Од едната страна беа тутуноберачите, од другата – Македониумот. И, така, ги направивме боновите и го запревме тој процес на разнебитување на Македонија. Се воспостави финансиска комуникација, се воспостави платен промет и така почнаа да функционираат боновите, вели Зафироски.
Македонските бонови, претходница на првата печатена македонска валута – денарот, „живееја“ наместо шест месеци, цела година и повеќе.
По повеќе од година дена, дојде време да се печатат вистинските пари. Во печатницата се направени сите можни подготовки. Вработените имаа повеќе ентузијазам, храброст и патриотски занес, отколку средства. Сакаа да ѝ помогнат на нашата држава. Сите, без исклучок, во печатницата „11 Октомври“ во Прилеп. На машина од 700 000 марки, тајно приспособувана според стандардите се печатени првите македонски пари.
Би ве интересирало: Дали е можно да се заштедат пари во јануари?
Во прилепската печатница се печатеа боновите, првата генерација македонски пари и, од втората, помалите апоени, трите помали банкноти што се 80 насто од севкупната маса пари, а трите големи банкноти се печатат во странство, во Лондон, или, поточно во погонот на „Де ла ру“ на Малта.
- Го постигнавме тоа што се очекуваше и што се бараше од нас – печатење на првите македонски пари, вели Зафироски, кој уредно ги чува спомените, документите и историјата за приказната за печатењето на македонските пари.